Секојдневно билтенот на МВР е преполн со информации за насилство, убиства, напади и кражби насекаде низ Македонија, но особено во главниот град.
Пред извесно време Министерствто за внатрешни работи ги постави камерите на “Безбеден град” (Safe city) со цел справување со криминалот и сообраќајните прекршоци, а преку убиството на младата Вања бевме сведоци дека камерите можат да помогнат при расчистување на ваков вид криминални дела. Сепак по се изгледа криминалот царува во Скопје.
Луѓе се киднапираат на сред бел ден, се убиваат, а телата се закопуваат или фрлаат во шумите или се носат некаде надвор од градот. Сериските убијци исто така не ни се непознат поим, а за ситни пари можат да те ограбат и повредат на секој чекор.
Според статстичките податоци на МВР во последните две ипол години од 2022 до денес, регистрирани се 15 убиства само на територија на град Скопје од кои разрешени се само 10, и притоа откриени се 12 сторители. Според тоа, една третина од убиствата се уште не се решени. Најмногу убиства (седум) има во 2023 година, додека пак најмалку разрешени убиства има во 2022 година, каде бројката е поразувачка или само еден случај, додека останатите три и по речиси три години се уште не се разрешени.
Кај кривичното дело обид за убиство пак бројките покажуваат поголем успех во нивно разрешување, па така од регистрирани 31 случај, само еден случај во 2023 година не е расветлен, а фатени се 34 сторители.
Кога се кражбите во прашање статистичките податоци покажуваат многу повисоки бројки. Па така од 2022 година до денес регистрирани се 4.814 кражби на територија на Град Скопје од кои само 531 случај се разрешени и откриени се 513 сторители, што ни кажува дека ист сторител вршел и по неколку кражби. Во проценти бројките се загрижувачки или само 11 проценти од кражбите се разрешени.
Од МВР не одговорија на прашањето на 24Инфо за тоа колку полициски службеници го обезбедуваат Скопје во рок од 24 часа, само ни потенцираа дека полициските патроли се распоредени подеднакво на територија на целиот град Скопје, додавајќи дека на територија на град Скопје во тек е посебна Оперативната акција чиј фокус е исклучиво безбедноста на град Скопје и на скопјани. Засиленото полициско присуство за безбеден град Скопје продолжува и во наредните денови, истакнаа од министерството.
Од МВР исто така не ни одговорија ниту по локација каде во градот најчесто се извршуваат ваков вид на кривични дела, односно кој дел од Скопје е најнебезбеден.
Преку текот на целата година, а особено во летниот период актуелна е кампањата за заштита од кражби, преку која МВР како совет и превенција апелира до граѓаните пред да го напуштат својот дом задолжително да проверат дали ја затвориле влезната врата, како и прозорците од домот, да не објавуваат фотографии дека се надвор од домот, на годишен одмор и слично, бидејќи со тоа им се дава информација на можните извршители на кражба дека во нивниот дом нема моментално никој.
Изминатата недела нашата екипа го истражи и мислењето на народот и направи анкета во која ги запраша граѓаните дали се чувствуваат безбедно во Скопје. Еве што одговорија тие:
Н.Ј.