Утрински Весник
Македонија

Ќе се гради експресен пат Кочани-Виница-Делчево и експресен пат Радовиш-Струмица

Avtopat Kicevo Ohrid 2.jpg

Mакедонија влегува во период на интензивни инвестиции во експресната патна мрежа. Освен почетокот на изградбата на експресниот пат Куманово-Страцин како дел од “Планот за раст” заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, во гостувањето во Дневникот на ТВ Сител најави нов тендер за изработка на студии за изградба на експресен пат Кочани-Виница-Делчево, како и за експресен пат Радовиш-Струмица.

Според Николоски, овие инвестиции ќе придонесат за рамномерен развој низ сите региони.


„Експресниот пат Куманово -Страцин е дел од Планот за раст со Европската Унија, ќе има и ИПА компонента, така што очекувам до следната година заедно со Европската Унија да ги завршиме сите документи и да почне и таму да се гради. Добро е што таму експропријацијата е завршена, одиме на проектирање и на изградба”, изјави Николоски.

Во однос на плановите за изградба на нови експресни патишта, тој најави:

„Во соработка со директорот на ЈПДП, Коце Трајановски, објавуваме тендер за сите потребни студии за експресен пат кој ќе оди Кочани-Виница-Делчево, а за скоро време ќе излезе и за експресниот пат Радовиш-Струмица”, најави Николоски.

Според него, овие проекти покажуваат дека државата не инвестира само во автопатски делници, туку паралелно работи и на развој на современа мрежа на експресни патишта која ќе обезбеди побрзо и побезбедно поврзување на регионите.

„Тоа значи дека сериозно ќе се инвестира покрај во Централна и Западна Македонија и во Источна Македонија “, истакна Николоски.

Со најавените проекти, државата отвора нова фаза на инфраструктурен развој во која паралелно ќе се градат автопати и експресни патишта. Целта е подобрување на регионалната поврзаност, забрзување на транспортот на луѓе и стоки и создавање подобри услови за економски развој во сите делови на земјата.

Можете да прочитате

Вчера во Скопје МВР изрекла 219 казни за возачи на мотоцикли

ВЛЕН: Не сме уште една партија, туку сме поголема сила!

Изгаснат пожарот во штипско, го подметнале две лица