Утрински Весник
Македонија

Двајца пациенти со западнонилска треска во критична состојба, за уште тројца се чекаат резултати

20260730161212.jpg

Двајца од седумте пациенти со потврдена западнонилска треска, кои се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести во Скопје, се во критична состојба и се приклучени на механичка вентилација, информира директорот на Клиниката, д-р Фадил Цана.

Станува збор за пациенти на возраст од 76 и 66 години, кои се лекуваат на Одделот за интензивна нега.

„Двајца од седумте пациенти хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести со потврдена западнонилска треска се во критична состојба и се на механичка вентилација“, изјави Цана.

Истовремено, постои сомнение за уште три случаи. Тројца пациенти се примени со акутно воспаление на мозокот и мозочната обвивка, а се чекаат лабораториските резултати од Институтот за јавно здравје кои треба да покажат дали и тие се заразени со вирусот Западен Нил.

Според Цана, сите седум пациенти кај кои досега е потврдена инфекцијата се од неколку скопски населби. Само еден од нив неодамна престојувал во Грција. И тројцата пациенти за кои во моментов се чекаат резултати се од Скопје.

Особено тешка е состојбата на 66-годишниот пациент, кој бил примен на Клиниката на 26 јули. По влошување на неговата здравствена состојба, тој бил интубиран и ставен на механичка вентилација. Според директорот, пациентот не патувал надвор од земјата и има повеќе придружни заболувања.

Во услови на регистрирани случаи, продолжуваат и активностите за сузбивање на комарците. Во Скопје утрово, во раните утрински часови, беше спроведена десеттата фаза од дезинсекцијата против возрасни форми на комарци.

Мерки се преземаат и во други општини. Општина Брвеница најави теристичка адултицидна дезинсекција против комарци на целата своја територија на 30 и 31 јули, додека прскање против комарци деновиве беше спроведено и во Пробиштип.

Можете да прочитате

Девојка голтнала хероин кога забележале полициска патрола, завршила на Токсикологија

Двајца уапсени во Скопје: Фрлил кеса со марихуана, нападнал полицаец и се обидел да побегне

По одлетаниот кров следува маратонска реконструкција на базенот „Борис Трајковски“, ќе биде под клуч две години!