Утрински Весник
Македонија

ДУИ: МРТ е без ниту еден директор Албанец и со незаконски заменик директор

Dui 1 750x430 1.jpeg

Соопштение за јавност на ДУИ:

Поминаа седум дена од незаконското именување на заменик-директорот на Македонската радио-телевизија, а веќе седум дена продолжува молкот на Програмскиот совет на МРТ. Нема образложение. Нема одговор. Нема ниту обид да се оправда одлука која е спротивна на законот и на основните стандарди за управување со јавна институција.


Именуваното лице не ги исполнува законските услови за извршување на функцијата. Работното искуство што му било пресметано е стекнато пред завршувањето на високото образование, додека јавно достапната документација покажува дека последниот испит го положил во 2024 година. Дополнително, ниту неговите академски резултати не ги исполнуваат стандардите што се очекуваат од лице кое треба да раководи со најважната медиумска институција во државата. Сепак, Програмскиот совет одлучи да го игнорира законот и да наметне незаконско именување.

Подеднакво загрижува и молкот за исклучувањето на Албанците од раководните структури на МРТ. За првпат од 2007 година, Македонската радио-телевизија нема ниту еден директор Албанец.

Покрај генералниот директор и заменик-директорот, МРТ има и директор на Телевизијата и директор на Радиото. Речиси две децении, една од овие позиции беше раководена од албански кадри, како дел од етничката рамнотежа во одлучувањето и од мултиетничкиот карактер на институцијата. Денес, двете раководни позиции ги извршуваат македонски кадри.

Албанците се исклучени и од кабинетот на директорот. На четирите советнички позиции не е именуван ниту еден претставник Албанец.

Ова веќе не е изолиран случај. Станува збор за јасен модел на систематско исклучување и политичко заробување на јавниот сервис. Затоа, денес јавно ги повикуваме домашните и меѓународните институции да не молчат пред овој случај.

Го повикуваме Здружението на новинарите на Македонија да реагира и да ги заштити професионализмот, институционалниот интегритет и независноста на јавниот сервис.

Ја повикуваме Делегацијата на Европската Унија во Скопје внимателно да го следи овој случај, бидејќи политичкото заробување на јавниот медиум и именувањата спротивни на законот се во директна спротивност со европските стандарди за владеење на правото, институционална независност и слобода на медиумите.

Го повикуваме Јавното обвинителство да отвори постапка за да ја провери законитоста на ова именување и да ја утврди одговорноста на сите лица што учествувале во донесувањето на одлуката.

Истовремено, ја повикуваме Државната комисија за спречување на корупцијата да испита дали во постапката биле прекршени законските одредби, пречекорени надлежностите или фаворизиран кандидат што не ги исполнувал законските услови.

Во демократска држава, никој не смее да биде над законот. Јавниот сервис не е сопственост на политичка партија и не смее да се претвори во инструмент на власта преку незаконски именувања и етничко исклучување.

ДУИ ќе продолжи да ги користи сите законски, институционални и демократски средства за да ги заштити законитоста, професионализмот и мултиетничкиот карактер на Македонската радио-телевизија.

Можете да прочитате

Клековски: Продолжува намалувањето на бројот на новопрегледани пациенти во болницата и во здравствениот дом во Гостивар

Владата донесе одлука: Се прогласува 30 дневна кризна состојба во Гостивар

Кога водата станува политичко, а не комунално прашање