Претседателот на Друштвото на филмските работници на Македонија, Игор Иванов-Изи, и генералниот секретар на ДФРМ, Томи Салковски, денеска, ќе учествуваат на Регионалната конференција на филмските режисери, што се одржува во рамките на Интернационалниот фестивал на филмската режија (LIFFE) во Лесковац.
На конференцијата учесниците ќе имаат можност да ги разменат своите мислења и ставови за состојбите во регионалната кинематографија, а оваа година акцентот ќе биде ставен на заштитата на авторските права во аудиовизуелната дејност.
Годинашната конференција ќе биде посветена на прашањата за авторска егзистенција, професионализацијата на работата, користењето нови технологии и нивното влијание на либерализацијата при снимањето филмови, за заштита на авторитетите и авторството на режисерите, автономијата на филмот и слободата на изборот на теми и одговорноста на авторите, без калкулации кон вистината и историјата.
Ова прашање не е регулирано ниту во македонската кинематографија, па претставниците на ДФРМ ќе имаат можност да ги истакнат проблемите на авторска сопственост со кои се соочуваат домашните филмски автори, како и да се запознаат со ситуацијата во соседните држави и како тие наоѓаат начини за решавање на овие горливи прашања.