Утрински Весник
Македонија

Дополнетиот ребаланс на Буџетот утре на пленарна седница

Sobranie.webp.webp

Дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот за 2025 година е на дневен ред како прва точка на утрешната пленарна 62. седница на Собранието, информира на денешниот брифинг со новинарите претседателот на законодавниот дом Африм Гаши. Расправата по дополнетиот ребаланс може да трае пет дена.

Седницата, како што се наведува на собраниската веб страница, треба да почне во 11 часот. На дневен ред на оваа седница се и Предлогот на завршната сметка на Буџетот за 2024 година, Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на Буџетот за 2025 година, по скратена постапка, Предлог одлуката за испраќање припадници на Армијата за учество вo меѓународната операција на Организацијата на обединетите нации „УНИФИЛ“ во Либан и Предлог законот за установи за средно образование на верските заедници – Прво читање.


Дополнетиот ребаланс на Буџетот на 17 јули беше усвоен на владина седница и со него се обезбедуваат дополнителни средства за Министерствата за транспорт, за социјална политика и за образование и наука.

Како што соопшти тогаш Министерството за финансии, станува збор за шест милиони денари за проектна документација за нова сообраќајница во општина Куманово во Буџетот на Министерството за транспорт, дополнителни 50 милиони денари за исплата на социјални надоместоци во буџетот на Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и пет милиони денари за Универзитетот „Гоце Делчев“ во Буџетот на Министерството за образование и наука.

– Со дополнетиот предлог усвоен од страна на Владата се обезбедени средства кај одделни буџетски корисници со цел редовно сервисирање на обврските, односно со прераспределби се изврши зголемување на средствата кај одредени буџетски корисници, со истовремено намалување на средствата од одредени буџетски корисници, со цел усогласување на расходите со досегашната реализација и очекувањата до крајот на годината. Дополнителни измени се однесуваат и на дообезбедување на средства за плати, како и за сервисирање на обврски. Измените и дополнувањата на Буџетот за 2025 година ги следат основните приоритети на фискалната политика кои се во насока на продолжување на фискалната консолидација, обезбедување макроекономска стабилност и поттикнување на развојот, при што нема промена во проекцијата на нивото на буџетскиот дефицит, велат од Министерството за финансии.

Вкупните приходи со ребалансот се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари или за околу еден процент повеќе во однос на Буџетот, односно за околу 3,5 милијарди денари, додека вкупните расходи се планирани на ниво од 403,7 милијарди денари и бележат раст од околу 1 процент, односно за околу 3,5 милијарди денари. Стапката на раст останува 3,7 проценти, а инфлацијата е проектирана на 2,8 проценти, а стапката на невработеност е планирана на 11,1 проценти

– Со предложениот Ребаланс се врши реалокација на средства помеѓу буџетските корисници, се дообезбедуваат средства за непречена исплата на плати пред се во Министерството за внатрешни работи, каде е обезбеден раст на платите на вработените од 10 проценти. Исто така, се обезбедени дополнителни средства за исплата на зголемени пензии и транзициски трошоци и како и дополнителни околу 300 милиони денари за капитални расходи, посочуваат од Министерството за финансии.

Капиталните расходи се планирани во висина од 47,4 милијарди денари и тие, како што велат од МФ, се во насока на додавање средства за динамизирање на реализацијата на проектите кај коишто е веќе потврдена добра реализација, пред се во Министерството за одбрана.

-Продолжува финансиската поддршка и соработка на Владата со општините, за кои претходно со донесената Прераспределба на средства помеѓу буџетски корисници беа обезбедени дополнителни 584 милиони денари. Крајна цел на измените и дополнувањата на Буџетот за 2025 година е непречено извршување на Буџетот и оддржување на идентично ниво на буџетскиот дефицит планиран со иницијалниот Буџет, односно буџетскиот дефицит останува непроменет и во апсолутен износ и како процент од БДП, односно 41,3 милијарди денари или 4% од БДП, стои во соопштението од МФ.

Можете да прочитате

Македонци останаа на аеродром во Истанбул за Скопје – без лет, без храна, без сместување

Македонски државјанин се удави во Албанија

Таравари објави документ со негативно мислење за вработувањата во тетовската болница