Денес во Сараево, зелените партии од регионот на Западен Балкан потпишааа Декларација за заедничка соработка. Оваа иницијатива, велат од ДОМ, започна пред една година во рамките на Зелената Балканска Мрежа и е многу автентична. Како што стои во нивното соопштение, иницијативата потекнува „од нас самите зелени партии од целиот регион и е многу поразлично од она што често го среќаваме во државите на Западен Балкан, а тоа е меѓународните претставници да доаѓаат и да ни укажуваат дека треба заедно да соработуваме“.
– Темите на кои ние заедно ќе работиме и во иднина се оние зелени теми, заштитата на животната средина и климата, унапредувањето на човековите права, социјална правда, борба против корупцијата и организираниот криминал, владеење на правото и се разбира евроинтеграциските процеси на државите на Западен Балкан, велат од ДОМ во соопштението.
Тие додаваат дека ова е за заеднички цели, затоа што загадувањето на водата и воздухот не познаваат граници. Исто така и корупцијата и организираниот криминал не познаваат граници. Затоа борбата против корупцијата, заштитата на животната средина, на нашите преубави природни богатства мора да биде заедничка бидејќи така ќе биде ефикасна и ќе пружи навистина стабилност, сигурност и просперитет и квалитетен живот на граѓаните од Западен Балкан.