
Иранскиот министер за одбрана Азиз Насирзадех денеска изјави дека ако пропаднат нуклеарните преговори и дојде до конфликт со САД, Иран ќе ги нападне американските бази во регионот.

„Некои претставници од другата страна се закануваат со конфликт ако разговорите не вродат со плод. Ако ни се наметне конфликт сите американски бази се во наш дофат и ние смело ќе ги таргетираме во земјите домаќини“, изјави Насирзаде на прес-конференција.
Американскиот претседател Доналд Трамп повеќе пати се закани дека ќе го бомбардира Иран ако не постигне нов нуклеарен договор.
Следната рунда разговори треба да се одржи оваа недела. Трамп ги најави разговорите за четврток, додека Техеран вели дека тие ќе се одржат во недела во Оман.
Се очекува Иран да понуди контрапредлог на американската понуда за договор што Техеран го отфрли.
Трамп одговори дека Иран станува „сè поагресивен“ во разговорите.
Насирзаде потсети дека Техеран неодамна тестирал ракета со боева глава од два тона и дека нема да прифати никакви ограничувања. Врховниот лидер на теократската Исламска Република, ајатолахот Али Хамнеи, во февруари изјави дека Иран ќе продолжи да ги развива своите воени капацитети, вклучително и своите ракети.