Директорот на училиштето кој вчера беше снимен во инцидент во дискотека во Кавадарци, го опиша настанот, коментирајќи дека се изнесуваат невистини со цел да се наруши неговиот углед и се води хајка против него.
Директорот Ѓорчев вели дека на видеото објавено од „Реално Кавадарци“ не е прикажан моментот на провокација од страна на лицето кое вербално го навредува и лицето коешто незаконски го снима и објавува видео записот.
„Јас Ѓорѓи Ѓорчев под целосна морална одговорност, во врска со настанот во Дискотеката Централ, којшто се случи на ден 10.06.2023 година, околу 01.30 часот, после изнесените невистини и лажни обвинувања со едно видео и текст објавени од порталот Реално Кавадарци, чувствувам потреба да се произнесам за нелогичности кои беа објавени на порталот.
Во видеото не е прикажан моментот на провокација од страна на лицето кое вербално ме навредува и лицето коешто незаконски го снима и објавува видео записот.
Барам одговорност од порталот што го објавува видеото и од лицето кое незаконски го снимал и монтирал за да го објави.
Тие што ме познаваат знаат дека не сум конфликтна личност.
Не знам од кои причини се води хајка против мене од настанот врз основа на едно снимено и монтирано видео, преку коешто текстуално се изнесуваат невистини со цел да се наруши мојот углед и чест“, се наведува во реакцијата на директорот што ја објави КТВ-телевизија.