Утрински Весник
Магазин

Дигиталното подмладување е сѐ пореалистично во филмовите

20240708102127 Big 730x400 9.webp.webp

Новиот филм со Том Хенкс, „Овде“ (Here) е сместен меѓу далечната иднина и далечното минато… Во режија на Роберт Земекис, филмот – адаптација на истоимениот графички роман на Ричард Мекгваер, скокнува низ историјата на една точка на Земјата, гледано низ илјадници години, а се сосредоточува на оние десетлетија кога областа била дом во сопственост на американската двојка којашто ја глумат Хенкс и Робин Рајт.

Филмот „Овде“, патем, ќе се прикажува во кината ширум светот – од ноември, оваа 2024 година, и на интернет-стрим во Франција од 24 јули.

Обожавателите на „Форест Гамп“, веќе знаат дека се работи за повторно обединување на двете холивудски ѕвезди од „оскаровскиот“ филм со добро познатиот режисер. Но, подеднакво забележливо е и дигиталното подмладување што им овозможи на Хенкс и Рајт да ги глумат своите ликови од нивните тинејџерски години до доцната зрелост.

Што се однесува до Хенкс (67), тој е задоволен што – со помош на вештаката интелигенција и современите ефекти, ќе може повторно да глуми млади момци. На една интернет-емисија, Хенкс рече дека предминатото десетлетие, кога тој и Земекис заедно го работеле „Поларен експрес“, сфатиле дека нема крај на таквите на компјутерски можности.

– Сега секој може да се пресоздаде себеси на која било возраст со помош на ВИ или „Дипфејк“-технологија. Утре можеби ќе ме удри автобус и тоа е тоа, но изведбите ќе може да продолжат. И ништо нема да ви каже дека тоа навистина не сум јас, рече Хенкс.

Вознемирувачки е, според многумина, да се помисли дека, на долг рок, холивудските ѕвезди од реалниот живот би можеле да бидат заменети со вештачкоинтелигентни ликови и оти на краток рок, дигиталното подмладување ќе им овозможи на ветераните пред пензија, како Хенкс повторно да се гледаат во улоги на помлади момчиња. Но, се чини, тоа е многу реално да се случи.

Пред 20-на години, уметниците за визуелни ефекти ја намалија возраста на Патрик Стјуарт и Ијан Меккелен – „пиксел по пиксел“, во „Икс-мен 3: Последното упориште“ (X-Men: The Last Stand), а најчестиот коментар беше дека тие изгледаат „вештачки“ и како „роботи“. Следеа и „Необичниот случај на Бенџамин Батон“ (2008), „Престол: Наследство“ (2010), па и „Ирецот“ од 2019., номиниран за 10 „Оскари“, меѓу коишто и за најдобар филм, монтажа и за визуелни ефекти.

Меѓутоа, емотивното влијание од „лажно младиот“ Том Хенкс во „Овде“, велат стручњаците, е поттикнато од сеќавањата на луѓето и носталгијатата по 80-тите, кога Хенкс ја почнуваше својата глумечка кариера… Слично како што дигитално подмладениот Харисон Форд во најновиот „Индијана Џонс“ филм од лани потсетува колку Инди бил убав и згоден во првите делови од сагата. Во меѓувреме, и концертната атракција на „АББА“ – „Voyage“ којашто почна во Лондон во мај 2022., содржи виртуелни „Абатари“ кои личат на четворицата музичари од 1979 година.

Затоа, познавачите велат дека во повеќето случаи, дигиталното подмладување се користи, не заради продолжување на кариерата на филмските и музичките ѕвезди или поради филмска хронологија, туку за поттикнување носталгија. Можеби е иронично, но се чини, технологијата што изгледа толку футуристичка и револуционерна сè уште е насочена и сосредоточена на минатото. 

Можете да прочитате

Данокот на шеќер за безалкохолни пијалаци ја намали потрошувачката на шеќер во Велика Британија

Нова терапија против зависности и депресија

Повеќе вода – помалку здравствени проблеми со горештините