
Центарот за граѓански комуникации денеска ги промовираше предлозите за преземање конкретни мерки за спречување на корупцијата во јавните набавки во здравствениот сектор, врз основа на претходно изработените истражувања и анализи на ризиците и на генераторите на корупцијата здравствените тендери.
Македонското јавно здравство троши за јавни набавки повеќе од 300 милиони евра годишно кои се под бројни ризици од злоупотреба и неодговорно трошење.
Претставници на клучните чинители од оваа област дискутираа за предложените препораки и нивно унапредување за намалување на ризиците од корупција со цел порационално и поефикасно трошење на јавните пари.
Во воведното излагање, министерот за здравство Азир Алиу рече дека во министерството и во јавната администрација треба да се гледа како партнер во обидите за целосно функционирање на здравствениот систем. Како една од приоритетните антикорупциските мерки на министерството тој ја истакна дигиталната трансформација на здравствениот систем.
Помошникот главен државен ревизор, Соња Камбовска ги претстави клучните слабости што државната ревизија ги утврдува при вршењето ревизии во здравствените институции, како и соодветните препораки за нивно надминување.
Како една од клучните фази во набавките во којашто треба да се стави особен акцент, директорката на Бирото за јавни набавки, Маре Богева Мицовска го истакна планирањето на набавките и во таа насока укажа на потребата од поголемо користење на достапните податоци и креирање на централизирани системи и во здравството по примерот на Електронскиот систем за јавни набавки.
Претставниците на Државната комисија за спречување на корупцијата, Сашко Колев и Билјана Вражалска рекоа дека во идната антикорупциска стратегија на земјата 2026-2030, која е во завршна фаза од подготовката, предвидени се сеопфатни мерки за спречување на корупцијата и во јавните набавки, како хоризонтална област и во здравство како еден од петте сектори за кои се предвидуваат антикорупциски мерки.
Активностите се организираат во рамките на проектот „Спречување на корупцијата во јавните набавки во здравството ” што Центарот за граѓански комуникации го спроведува со финансиска поддршка на National Endowment for Democarcy (NED).

