Седум мртви, трудница застрелана во стомакот и уште четири лица во животна опасност поради тешки повреди е билансот на нападот кој за само неколку минути го изврши Филип Ф.
Тој за само неколку минути испразнил девет шаржери од полуавтоматски пиштол во Центарот на Јеховините сведоци во германскиот град Хамбург, пред полицијата да го потисне на горниот кат, каде тој сам си го одзел животот. Со себе носел уште 22 шаржера, а подоцна во неговата куќа била пронајдена уште муниција.
Британски Телеграф пишува дека убиецот работел како хонорарен консултант, а една бизнис веб-страница го опишува како експерт во финансискиот и енергетскиот сектор.
На веб-страницата тој нуди консултации по превисока цена и тоа за дневен надомест од 250.000 евра, наведувајќи дека „во хонорарот е вклучен и фактот дека мојата работа треба да создаде додадена вредност за вас од најмалку 2,5 милиони евра“.
Според неговиот профил на страницата, тој пораснал во строго религиозно семејство на Алпите пред да започне да студира бизнис во Минхен.
Филип Ф. (35), поранешен член на споменатата заедница на Јеховини сведоци, со која се разделил по една расправија, од декември поседувал дозвола за оружје бидејќи бил спортски стрелец. Во јануари, службата за издавање на овие дозволи во Хамбург добила анонимно писмо во кое некој тврди дека Ф. е ментално болен и дека треба да му се одземе оружјето.
Службениците ненајавено го посетиле и потоа изјавиле дека се однесувал нормално. Тука проверките завршиле оти надлежните служби немаат правна основа за повеќе од тоа.
Сега германската министерка за внатрешни работи Ненси Фризер најави промената. Таа рече дека поради претходни слични напади се подготвува закон со кој ќе се заостри процедурата за издавање дозвола за поседување оружје. Полуавтоматските оружја ќе бидат целосно забранети, а апликантите ќе треба да достават лекарско уверение за да се утврди дека немаат ментални тешкотии.
Во коментар на порталот на неделникот Стерн се бара целосна забрана за огнено оружје. Коментарот потсетува на уште две убиства во Германија кои претходната недела ги извршиле спортски стрелци, со оружје кое легално го поседувале.
„Уште колку луѓе треба да умрат пред политичарите конечно да сфатат дека смртоносното оружје не е за цивили? стои во текстот. Германците имаат околу пет милиони легално оружје во своите домови. Како што се дозна неодамна, најмалку илјада луѓе кои службите ги сметаат за „екстремисти“ поседуваат и нелегално огнено оружје.