Утрински Весник
Македонија

Денес кочниците се само во нашите раце, шансата за ЕУ е неповторлива, рече Ковачевски во говор за 8 Септември

Денес кочниците се само во нашите раце, шансата за ЕУ е неповторлива, рече Ковачевски во говор за 8 Септември

Гласникот на слободата – 8 Септември, во предвечерието на овој голем и важен празник за македонската државност, Денот на независноста, повикува на нов, сигурен чекор напред, рече премиерот Димитар Ковачевски кој присуствуваше и се обрати на Свечената академија во чест на Денот на независноста, вечерва, во објектот на Филхармонија.

dobivaj vesti na viber

Премиерот во обраќањето кажа дека денес Европа и светот зборуваат за македонска држава, македонски народ и македонски јазик. Денес нашата родна земја е меѓународно признаена држава и ова е и мора да биде нашиот мотор.

„Денес кочниците се само во нашите раце и на дел од политичарите тука во нашата држава“, рече Ковачевски коментирајќи дека секој обид на ставање кочница на сопствената песрепктива е поврзан со туѓи интереси за геостратешки позиционирања, различни од македонската евроатлантска стратешка цел. Поврзани се и со популизам за политички предизборни и лични, материјални цели.

Премиерот ги цитираше Блаже Конески: „Јазикот е нашата вистинска татковина“ и Петре М. Андреевски: „Пиреј вирее на ова тло и ништо не ја ништи таа трева“.

„Патриотизам е да им се верува на Конески и Андреевски“, заклучи Ковачевски.

Во празничното обраќање, премиерот рече дека не треба никому да му оставаме простор да нè идентификува и да нè става во свој историски контекст. Бидејќи имаме своја историја и свој јазик, потврдени на научно, меѓународно ниво.

„Да продолжиме да се себепотврдуваме во меѓународното семејство на народи и држави, седнати рамноправни на масата во демократските сојузи. Затоа што само така, нашите аргументи, познати на светската наука, ќе бидат познати и за светската политика“, рече Ковачевски.

Ако нешто научивме во овие 32 години, вели Ковачевски, тоа е дека македонската стабилност е директно поврзана со интеграцијата во демократските системи, НАТО и Европската Унија, како и со внатрешната етничка кохезија.

„Заедништвото како европска вредност е во македонскиот код. Тоа заедништво секогаш се издигнувало над раздорот, од каде и да доаѓал. И затоа ние денес, ниту има од што да бегаме, ниту има од што да стравуваме“, рече премиерот.

Кажа дека неповторливата шанса за напредок ја имаме токму сега и е поврзана директно со нашата интеграција во Европската Унија.

„Се наоѓаме во неповторлив контекст, кога поради геополитичките прилики и потребата да се осигура стабилноста на европскиот континент, ние сме потребни на Европската Унија и на демократската меѓународна заедница, како што ни се потребни и тие на нас“, рече Ковачевски.

Додаде дека земја членка на Унијата добива 11 пати поголема европска помош од ЕУ – фондовите, од земја која е кандидат за членство.

„Фактите денес говорат и дека 80 проценти од македонскиот извоз оди во држави што се членки на ЕУ. Дека 50 проценти од увозот во земјава доаѓа од држави членки на ЕУ. И дека Европската Унија, во оваа 32-годишна независност стана нераскинлив дел од нашиот развој, има инвестирано огромни 3,3 милијарди евра во нашата држава. Затоа што веруваат во нашата искрена определеност кон европските интеграции, како наша стратешка цел, но и нивна стратешка цел“, рече Ковачевски.

Премиерот повторно предупреди дека ако не го направиме исчекорот во евроинтеграциите заедно со нашите соседи од Западен Балкан, на нашата држава и се заканува повторна изолација, повторно чекање и повторни блокади. А тоа значи и пропуштена шанса за напредок и обратно, назад и нова темница, во којашто уште долго ќе се лута како што се луташе 11 години.

Слободата значи и одговорност, рече премиерот и раскажа дека деновиве бил почесто меѓу младите и во пресрет на 8 Септември, на прашањето што посакуваат за роденденот на родната земја добил одговор: Сите да сме среќни.

„Ова нека нè обедини. Желбата за среќа. Желбата на нашите деца. Вербата на нашите млади. Копнежот на родителите. За среќа – дома, меѓу саканите, во родниот крај. Бидејќи тоа е остварливо“, додаде премиерот.

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер