
Врвни лекари, трансплантациски експерти, координатори за трансплантација, пациенти на кои им е извршена трансплантација, пациенти кои чекаат на листите, донори и претставници од верските заедници,беа дел од учесниците кои говореа на темата Органодарителството во Македонија со панел дискусија која се одржа во Ликовниот салон во Велес. Темата органодарителство беше со цел да се едуцираат граѓаните за процесот на трансплантација и да се поттикнат да бидат органодарители да спасат човечки живот или повеќе човечки животи.
Законот беше донесен во Собрание на крајот на јуни, а треба да се применува од 1 октомври годинава со тоа што граѓаните ќе може кај својот матичен лекар да потпишат согласност за органодарителство. Подзаконските акти за Законот за органодарителство – уредбите и правилникот се ставени на јавна расправа на веб-страната на Министерството за здравство по што се очекува да поминат на седница на Владата.
Проф д-р Билјана Кузмановска, анестезиолог и национален координатор за трансплантација, за МИА изјави дека бројките на пациенти кои чекаат за трансплатнација во Македонија варираат од ден во ден и од час во час заради, појасни, извршена трансплантација, починат пациент кој навреме не добил органи или од други причини, а секогаш се регрутираат и нови пациенти.
– На донор за срце во Македонија чекаат 29 пациенти, 12 пациенти чекаат за трансплантација на црн дроб, 160 пациенти чекаат за бубрези и околу 20 пациенти чекаат за корнели-очни рожници, годинава веќе имавме оперирано 16 пациенти за очни рожници… За трансплантација на коски, коскени ткива и лигаменти нема листа на чекање, а се трансплантираат ткива од Банката за коски и коскени лигаменти коишто се на Клиниката за ортопедија и траума – изјави проф. д-р Кузмановска..
Како што дополни, постојат два вида на органодарителство, од жив дарител и кадаверично, односно дарување на органи после смртта.
– Кадаверично е можно исклучиво кај пациенти коишто се хоспитализирани во единица за интензивна нега коишто се на респираторен апарат и под лекови за одржување на циркулација, каде што е дијагнистицирана и утврдена мозочна смрт. Тоа е еден мал број на пациенти кои се потенцијални донатори. Не може човек којшто починал на улица, во домашни услови, ако не бил на респиратори на интензивна нега да биде органодарител. Органодарителството е доброволно, своеволно и апсолутно не смее да биде поинаку, појасни проф. д-р Кузмановска.
Д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на Здружението на приватните лекари на Македонија информира дека изјаснувањето за органодарителство на граѓаните ќе биде кај матичен лекар, затоа што тој е најдостапен за сите граѓани, а ќе стапи во сила од 1 октомври годинава.
– Мислам дека суштината на нашето постоење е да се спаси секој човечки живот, затоа секој ќе има право да се изјасни кај својот матичен лекар ако нешто му се случи или ако почине неговите органи да се донираат и да спасат други пациенти коишто имаат проблеми. На пример, на хемодијализа голем дел од нив се млади луѓе, постојат голем број на лица кои носат вештачки пумпи и им е многу тешко. Имаме и такви млади пациенти кои се со две пумпи и на кои им е потребна трансплантација за да продолжат нормално да живеат, појасни д-р Чолакова Дервишова.
На панел дискусијата свое излагање имаа и донори, како Илчо кој на својата ќерка Ана Гиовска и донирал дел од својот црн дроб.
-Органодарителството дарува живот, јас на моето дете не бев донор туку бев родител кој се грижи за своето дете, за моето дете денеска да го има цел свет. Моето дете имаше среќа и сега кога ја гледам расте тоа ми дава сила да забаравиме се’ што ни се случило и низ се’ што поминавме. Но, за жал многумина ја немаат таа среќа и чекаат на листата за донор, за да можат да продолжат да живеат. Верувајте дека кога дарувате орган вие давате и иднина на самото семејство, потенцира Илчо.
Тој искажа голема благодарност за помошта и поддршката што неговото дете и семејство ја добиле од проф. д-р Соња Бојаџиева од Клиника за гастроентерохепатологија во Скопје, која исто така говореше на панел дискусијата за значењето на органодарителство.
На панел дискусијата, мајка од Велес побара да се најде донор за срце на нејзиниот 23-годишен син кој тешко живее со две пумпи.
Панел дискусијата во Велес е дел од Националната кампања за трансплантација за подигнување на свеста за органодарителство која заеднички ја водат инстутуциите предводени од Министерството за здравство и Владата. По Велес панел дискусија за органодарителството ќе се одржи и во други градови во Македонија.


