Заменик министерката за надворешни работи, Фатмире Исаки, заедно со канцеларијата на ОН Жени (UN Women) во Македонија, организираа настан по повод Денот на жените во дипломатијата.
Исаки во својот говор истакна дека бројот на жените во дипломатијата или на жените на лидерски позиции, не е задоволувачки.
„Нe треба да молчиме, ниту да се задоволуваме со сите отстапки во овој домен, кои се повеќе на линијата на политичка коректност отколку суштинска промена на реалноста. Мора да реагираме на стереотипите и дискриминацијата. И уште повеќе: да се бориме за суштинска и одржлива рамноправност. Одејќи по својот пат, покажуваме иницијатива, одговорност и лидерство, истакнувајќи се во својата област”, рече Исаки.
Заменик министерката се осврна и на нејзиното лично искуство како жена во дипломатијата.
„Од 2020 година, откако сум назначена на функцијата ЗМНР, можам да потврдам дека сум имала искуство да запознам и да работам со исклучително способни, надарени и професионални жени дипломатки, кои се максимално посветени и неуморно работат на промовирање на државата и спроведување на надворешната политика. Тие дадоа активен придонес оваа држава да стане земја членка на НАТО, кандидат за членство во ЕУ и угледен член на меѓународната заедница. Тие се инспирација и за мене, и токму поради тоа донесов одлука, како ЗМНР, лично да се ангажирам на подобрување на состојбата во овој домен и да го промовирам значењето и придонесот на жените во дипломатијата”, рече Исаки, додавајќи дека ќе продолжи да се залага за еднаквост на жените во дипломатијата со уверение дека жените се динамични лидери на промените и нивното учество е фундаментално за демократското владеење.
Во 2021 година, МНР ја организираше првата Конференција за жените во дипломатијата, каде што истакнати домашни и странски панелистки имаа можност да информираат за својот пат во дипломатијата како и тешкотиите со кои се соочиле.