
Делегација на СДСМ предводена од претседателот, д-р Венко Филипче и пратениците Бисера Костадиновска Стојчевска и Митко Трајчулески, денеска во Крушево, по повод празникот Илинден, положија свежо цвеќе на споменикот Слива, кој е симбол на саможртвата на македонските востаници во одбраната на Крушевската Република.
Споменикот на месноста Слива е посветен на херојската жртва на македонските востаници кои во 1903 година храбро ја бранеле Крушевската Република и се бореле да го заштитат цивилното население.
Филипче порача дека идеалите на илинденците и денес претставуваат обврска за сите генерации, а сеќавањето на нивната борба има вистинска вредност само доколку служи како поттик за градење подобра иднина, заснована на владеење на правото, достоинствен живот и европска перспектива за државата.
„Сеќавањето на Илинден има вистинска вредност само ако ни служи да градиме подобра иднина. Затоа ние се бориме за Македонија во која владее правото, а не партискиот интерес. За Македонија во која има чиста вода, достоинствени плати и перспектива за младите. За Македонија која е дел од европското семејство – слободна, демократска и просперитетна”, порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче.


