Утрински Весник
Свет

Дел од западните медиуми со коментари за номинациите во идниот кабинет на Трамп

Tramp 2.webp.webp

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп пофали неколку членови на неговиот нов кабинет минатата ноќ на гала вечера по повод неговото враќање во Белата куќа, иако многу од неговите номинирани се најдоа на удар во Вашингтон, објави Вашингтон пост.

Последната номинација што ја објави идниот претседател беше таа на гувернерот на Северна Дакота, Даг Бургам, кому ќе му биде понуденo Министерството за внатрешни работи. Претходно вчера, Трамп најави дека ќе назначи тројца негови адвокати од кривичните процеси против него на високи позиции во Министерството за правда, ставајќи ги во позиција да водат федерални обвинители во два негови случаи и да ги бранат интересите на неговата администрација пред Врховниот суд.

Трамп, облечен во смокинг и опкружен со поддржувачи откако беше претставен од актерот Силвестер Сталоне, изгледаше невознемирен од вревата што ја создадоа неговите номинации во главниот град, забележува изданието.

Името на Бургам беше помалку изненадувачки отколку предложената функција на поранешниот претседателски ривал на Трамп, скептикот за вакцини Роберт Ф. Кенеди Jуниор, кој беше номиниран за секретар за здравство и човечки ресурси.

„Сакаме да смислиш идеи… Мислам дека ќе направиш неверојатни работи“, му рекол Трамп на Кенеди за време на синоќешната гала вечера.

Новоизбраниот претседател, исто така, ја пофали поранешната конгресменка Тулси Габард, која ја номинираше за директор на националното разузнавање, истакнувајќи дека таа е поранешен претставник на демократите, кој е „обвинет за здрав разум“. Габард во минатото беше критикувана за нејзината средба во 2017 година со сирискиот диктатор Башар ал-Асад, сојузник на претседателот Владимир Путин.

Трамп го истакна и присуството на Илон Маск, основач на SpaceX и Tesla, кој стана редовен гостин на имотот на идниот претседател Мар а Лаго на Флорида. Маск и поранешниот ривал на Трамп за номинацијата за републиканците, Вивек Рамасвами, се номинирани да раководат со новиот Оддел за владина ефикасност, чија цел е да ги намали владините трошоци.

Француски „Фигаро“ под наслов „Номинациите на Трамп кои ги шокираа дури и републиканците“ коментира дека изборот на идниот претседател за министри за правда, здравство и директори на разузнавачките служби предизвикал чудење дури и во неговите сопствени редови. Трамп ја објави номинацијата за државен обвинител во авион на пат за Вашингтон во средата наутро, забележа изданието. Номинацијата на Мет Гајц за јавен обвинител предизвика шок и збунетост во политичките кругови, вклучително и кај многу републиканци.

Со назначувањето на еден од неговите најжестоки поддржувачи на чело на Министерството за правда, кој исто така не ги почитува правилата и стандардите, Трамп штотуку потсети дека неговите ветувања дека ќе ги пресече неговите политички противници можеби не се само празни зборови. Повеќе од кој било друг оддел, Трамп го гледа Министерството за правда како симбол на „длабоката држава“ која се обиде да го урне.

Назначувањето на Мет Гејц гарантира дека Трамп ќе ги повлече сите обвиненија против него, дека ќе ги помилува бунтовниците од 6 јануари 2021 година и дека Министерството за правда ќе го послуша во се што ќе нареди, коментира „Фигаро“.

Најновиот контроверзен избор на кабинетот на Трамп може да има огромно влијание врз здравјето и животите на Американците, предупреди Си-Ен-Ен во врска со номинацијата на Роберт Кенеди Џуниор за министер за здравство.

Одлуката на новоизбраниот претседател да му дозволи на Кенеди, скептик за вакцини и теоретичар на заговор, „да дивее“ како секретар за здравство и човечки ресурси е неговиот најшокантен обид да го оспори статус квото.

Изборите на Трамп за директор на националното разузнавање, јавен обвинител и секретар за одбрана ќе ја променат земјата и светот на долг рок. Сепак, нивниот ефект нема да биде толку директен врз Американците.

Меѓутоа, ако Кенеди добие шанса како врвен здравствен функционер да ги промовира своите претходни тврдења дека вакцините не се безбедни и ефективни, или да ја следи неговата желба да отпушти 600 луѓе во Националниот институт за здравство, тоа би можело да има многу понепосредно влијание врз животите на милиони Американци. Ако, на пример, неговите совети или идеи доведат до намалување на ширењето на вакцините меѓу населението во САД, тоа може да ги загрози животите на значителен број луѓе, коментира американската телевизија.

Кенеди има некои гледишта што лекарите ги поздравуваат, вклучувајќи ги и неговите повици да се отстрани преработената храна од училишните ручеци и неговите предупредувања дека прехранбената индустрија продава производи кои придонесуваат за кризата со хронични болести. Но, одлуката на новоизбраниот претседател да го постави на чело на здравствототоа на 350 милиони Американци веројатно ќе предизвика нова дебата за потенцијалните реални последици од вториот мандат на Трамп, кој започнува во јануари.

Идниот кабинет на Трамп предизвикува загриженост во Европа, пишува Политико.

На европските дипломати првично им олесна кога го избра републиканецот од Флорида Марко Рубио за прв американски дипломат. Но, тоа не траеше долго. Последователните номинации на Трамп на едвај познатиот водител на Фокс Њуз, Пит Хегсет за секретар за одбрана и Тулси Габард за директор на националното разузнавање, ги зголемија стравувањата дека Европа можеби ќе треба да се подготви за најлошото и да биде подготвена да се вклучи без својот традиционален сојузник во НАТО во светот растргнат од стратешки конфликти.

„Ова е навистина ужасно“, публикацијата цитираше објава на социјалната мрежа X на Натали Лоазо, поранешна француска министерка за европски прашања и актуелен европратеник.

„Времето на воздржаност на Европа и надежите дека САД ќе не штитат заврши“, рече Мари-Агнес Страк-Зимерман, шеф на поткомитетот за безбедност и одбрана на Европскиот парламент.

Поранешниот полски амбасадор во Вашингтон, Марек Магеровски, ги коментираше Габард и нејзините претходни „проруски“ коментари. Три дена откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година, таа ги повика лидерите на Русија, Украина и САД да го „прифатат духот на алоха“ (проповедајќи живот во љубов и хармонија) и да се договорат, потсетува Политико.

Можете да прочитате

Кремљ: Русија задолжително ќе одговори на украинскиот напад со американски ракети АТАКМС

Посилен земјотрес ја стресе и западна Турција попладнево

Трамп избра тврдокорна републиканка за да ја води ВОА – медиум финансиран од владата