Утрински Весник
Македонија

Деаноски: Владата е подготвена до средината на мај да бидат потпишани колективните договори за додатоци на плата

Deanovski.webp.webp

Владата е подготвена до средината на следниот месец да бидат потпишани колективните договори со кои ќе се овозможи етапна исплата на додаток на плата од 30 проценти за вработените во државната управа, освен правосудството. Тоа, како што изјави претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) Трпе Деановски,  го соопштил премиерот Христијан Мицкоски денеска на средбата во Владата со претставниците на синдикатите.

Синдикатот на УПОЗ во  јануари одржа неколку протести барајќи зголемување за 30 проценти на додатокот на плати во органите на државната управа. По ставањето на протестите во мирување, како што соопшти Деановски, биле одржани пет средби  и е постигнат договор.


– Ние бевме договорени, договоривме тие 30 проценти додатоци на плата да ги добиеме на неколку рати, ако можам така да кажам, во рок од четири години. А покрај тоа, потенцирам, додаток на плата, не покачување на плата, сите вработени во овие институции кои протестираа, секој март да си добиваат усогласување на плата, дали ќе биде тоа со пораст на просечната, дали ќе биде пораст со минималната плата. Денеска премиерот не извести дека Владата е спремна до почетокот или средината на мај колективните договори да бидат потпишани, што ќе значи дека секое министерство, секој орган на државна управа кој нема потпишано колективен договор ќе потпише и на тој начин ќе бидат добиени тие додатоци на плата што ги баравме со протестите во јануари. За жал, ќе потпишат и некои други синдикати што никој не знае како се викаат но ние сме тука за работиците, мило ми е што премиерот не слушна што веќе договоривме одредена динамика на работите и што работниците во државната управа односно административните службеници конечно ќе почнат да се одлепуваат од минималната плата, изјави Деаноски по средбата.

На протестите во јануари учествуваа членови во УПОЗ од министерствата за животна средина и просторно планирање, за дигитална трансформација,  за шумарство и водостопанство, за правда,  за култура и туризам,  за економија и труд, и за транспорт, како и од Државниот завод за статистика и Државниот архив.

Во фокусот на денешниот состанок во Владата беа зголемувањето на минималната плата и примената на колективните договори, за кои теми претставниците на Сојузот на синдикатите на Македонија и на Конфедерацијата на слободни синдикати по средбата излегоа со меѓусебни обвинувања и спротивставени барања. Претседателот на ССМ  Слободан Трендафилов изјави дека Владата не била против зголемувањето на минималната плата, туку останатите два синдикати кои присуствувале на состанокот, нагласувајќи дека барале да се укинат одредбите на општиот колективен договор во процесот на растот на платите во јавниот секор или општиот колектив договор да се стави ад акта. Наспроти него, претседателот на КСС Благоја Ралповски, оцени дека тоа што го бара ССМ е популизам, истакнувајќи дека со покачувањето на минималната плата на 30.000 денари ќе бидат опфатени само дел од вработените во државата.

Можете да прочитате

Костова: Гледаме селективна истрага за Кочани, каде е одговорноста на функционерите во МВР?

Распишан е оглас за избор на судија на Македонија во Европскиот суд за човекови права

Костова од СДСМ за ЗНАМ: Не ми е јасно како трчаат во скутот на потпросечниот Мицкоски