Утрински Весник
Спорт

Дарио Срна: ФИФА го уништи Шахтјор

Дарио Срна: ФИФА го уништи Шахтјор

Спортскиот директор на Шахтјор, Дарио Срна, ја обвини ФИФа дека го уништила клубот од Донецк.

dobivaj vesti na viber

Шахтјор Донецк в среда ќе му гостува на Реал Мадрид во третото коло од Лигата на шампионите. Засега Шахтјор е најголемото изненадување во Лигата на шампионите, во првото коло го совлада Лајпциг во Германија со 4:1, а потоа ремизира со Селтик 1:1 во Варшава.

Шахтјор не може да игра во Украина разурната од војната. Пред осум години клубот од Донецк, чија анексија ја потпиша Путин пред неколку дена, се пресели во Киев, а сега не може да игра и во украинската престолнина.

„Преку Чеферин, УЕФА направи сè што можеше за да ни помогне нам и на украинскиот фудбал. ФИФА, од друга страна, нè уништи. Не нè заштити во ниту еден момент. Ако Реал Мадрид, Севилја, Барселона или Баерн беа во нашата ситуација, јас сум сигурен дека бргу ќе им помогнеа“, се пожали Срна во интервју за „Марка“.

Легендата на Шахтјор и хрватскиот фудбал е лут поради одлуката на ФИФА, со која им дозволи на странците без обесштетување да ја напуштат Украина, со обврска за една година да се вратат во клубовите.

„Ние сме и тим што му даде многу на европскиот фудбал во последните 20 години. Би сакал некој од ФИФА да дојде во Украина, да биде со нас и да почувствува како е да се живее со сирени и бомби“, додаде Срна и ја објасни ситуацијата.

„Имавме 14 странци, чија пазарна вредност беше меѓу 150 и 200 милиони евра и им беше дозволено да одат на заем, без да ги замрзнат договорите. Соломон и Тете имаа уште една и пол година од договорите, отидоа во Фулам и Лион и кога ќе се вратат, ќе имаат само уште шест месеци и ќе може да заминат бесплатно. Тоа е неприфатливо“.

Можете да прочитате

Зидан и Баерн се пред крај со преговорите за отпочнување на четиригодишна соработка

Над три милиони луѓе во салите ги следеа натпреварите од регуларниот дел од Евролигата

Италија го обезбеди петтото место во Лигата на шампионите