Утрински Весник
Македонија

Црна статистика: Шест обиди за самоубиство на малолетници во последните шест месеци

Image 6.png

Колку Македонија е безбедна за развој на младите? Ова се поставува како легитимно прашање, имајќи го предвид растечкиот тренд на булинг и врсничко насилство. 

Брзото темпо на живот, оддалеченоста од родителите, искривената реалност на социјалните мрежи, се сериозни предизвици со кои се соочуваат младите како во светот така и во Македонија. 

Но покрај врсничкото насилство, она што особено загрижува е фактот што дел од младите се решаваат да посегнат по сопствениот живот. 

Секој месец по еден обид за самоубиство на малолетник

24инфо.мк се обрати до Министерството за внатрешни работи за официјални податоци за регистрирани обиди за самоубиство на малолетници.

„Ве известуваме дека во текот на првото полугодие од 2024 година вкупно се регистрирани шест обиди за самоубиства на деца до  18 години“ стои во одговорот на МВР.

Тоа значи дека во првото полугодие секој месец имало по еден случај за обид за самоубиство на дете. 

Причините и мотивите за таквите обиди често остануваат непознати, но психолозите сметаат дека е потребно рано препознавање на реагирање на суицидалните намери кај младите. 

„На една од моите работилници низ училиштата 90% од учениците потврдуваат дека при секое  станување прво го земаат својот телефон. Фрапантно, жално, но вистинито. 21 Век- време на иновации но и време на искривени вредности. Сметам дека вината е во секој од нас и секогаш на секое мое излагање укажувам за значење на превенција. Како викаме подобро да спречиме отколку да лечиме. Неопходно е да се воведе пракса за редовни работилници со разноразни теми а со цел младината да го сочува своето ментално здравје.  Која е поентата ако ме викнат во училиште на советување кога детето направило 15 неоправдани изостаноци. Зошто не сум информирана за првите два… за да реагираме навремено. Се некако задоцнето реагираме. Ако се насочам на социјалните мрежи, слободата на говор се повеќе зема замав, мал милион навреди, гнасни изреки, пцовки. Децата живеат со тоа, а тоа потекнува од возрасните. Прво што уште од најмала возраст им се достапни социјалните мрежи, второ што ги користат неконтролирано. Денес за жал изумира чувството за вреднување на другарството. Отфрлаат другарче кое останува само и никој од децата па и од нивните родители не се прашува како се чувствува тоа дете. Знаете психичкиот живот е мошне сложен и динамичен и за него треба да се грижиме како и за своето физичко здравје. Значи повторно ќе нагласам – превенцијата е клучна ако сакаме да ги заштитиме децата од било каква психоемотивна дестабилност“ вели лиценцираниот психолог Биљана Ивановска.

Не е срамота да се побара помош 

И покрај забрзаниот технолошки развој, во македонското општество се уште постои одредена стигма кога станува збор за потребата од психолошка помош.

Ивановска смета дека помошта од психолозите но и од надлежните институции можат да придонесат за унапредување на психоемотивниот развој кај децата, особено кај тинејџерите кои минуваат низ еден од најтурбулентните периоди од животот.

„Се уште не сме ја достигнале точката да кажеме дека одењето кај психолог е нешто нормално, дека не постои, а постои стигма. Сеуште мал број млади се осудуваат да побараат помош. А разговорот со психолог е неопходен за сите генерации. Секој треба да знае како да управува со своите чувства, како да си ја зголеми самодовербата, како да исканализира тага и разочарување.

Значи секоја од надлежните институции – МВР, Образование, Центрите за социјални работи, здравство, секако задолжително и родителите и старателите, секој на свој начин и со своја програма да укаже дека животот е убав… со велосипед, книга, фитнес, љубов кон секој, почит кон секој, а без казни, навреди и понижувања“ вели Ивановска. 

Можете да прочитате

Меџити: Коцкањето во последните години стана рак на општеството

Избувна пожар во подрумските простории од зградата на Општина Тетово – Изгоре складиран изборен материјал

Наскоро нов продолжен викенд – Уште колку неработни дена остануваат до крајот на годинава?