Утрински Весник
Балкан

ЦРНА ГОРА НА НОЗЕ: Блокирани гранични премини и аеродроми по тројното убиство

Img 3001.webp.webp

Во Црна Гора во тек е голема полициска потрага по 30-годишниот руски државјанин Михаил Шабунин, осомничен дека денеска извршил тројно убиство на стрелиште во Даниловград. Полицијата предупредува дека осомничениот е вооружен и опасен, а граѓаните се повикани да останат во своите домови додека трае потрагата.

На стрелиштето „Чешка збројовка“ биле пронајдени телата на тројца вработени – Петар Глобаревиќ (24) од Подгорица, Момир Радоњиќ (67) од Даниловград и Немања Капор (20) од Подгорица.

Според досегашните информации, постои сомнение дека Шабунин ги застрелал тројцата, по што побегнал од местото.

Телата ги пронашол сопственикот на стрелиштето, кој веднаш ја известил полицијата.

Во меѓувреме, полицијата го пронашла автомобилот „сеат кордоба“ со кој, според сомневањата, избегал Шабунин. Возилото било во сопственост на таткото на една од жртвите.

Црногорската полиција започна широка операција за негово пронаоѓање. Се запираат и контролираат возила на патиштата од Даниловград кон Подгорица, а преземени се засилени безбедносни мерки.

Директорот на Управата на полицијата, Лазар Шќепановиќ, изјави дека тројното убиство било извршено околу 16:45 часот. Според првичните сознанија, осомничениот претходно пукал на стрелиштето, а потоа влегол во објектот каде што, според сомнението, ги убил тројцата.

„Станува збор за опасно лице кое со себе понело одредено количество муниција и огнено оружје. Тој претставува потенцијална опасност и активна закана. Сите капацитети на Управата на полицијата се ставени на располагање“, изјави Шќепановиќ.

Поради потрагата блокирани се градови, гранични премини и аеродроми, а полицијата ги повика граѓаните веднаш да пријават доколку го забележат осомничениот или имаат информации за неговото движење.

Од полицијата предупредија граѓаните да не се обидуваат самите да му пријдат, туку да останат во своите домови додека трае потрагата.

Според Шќепановиќ, Шабунин во претходните денови престојувал на стрелиштето, а во Црна Гора пристигнал со автобус. Во земјата престојувал и претходно, но не се наоѓал во полициските евиденции.

По тројното убиство, црногорскиот премиер Милојко Спајиќ ги прогласи 1 и 2 септември за денови на жалост во Црна Гора.

Тој изрази сочувство до семејствата и пријателите на жртвите и порача дека очекува осомничениот во најкраток можен рок да биде изведен пред лицето на правдата.

Според досегашните информации, полицијата и црногорските медиуми случајот не го поврзуваат со пресметките меѓу Кавачкиот и Шкаљарскиот криминален клан.

Можете да прочитате

Криза во јавниот превоз во Албанија, од утре до 30% се редуцираат автобуските линии

Грција потпиша договор со Израел за „Железната купола“ во вредност од над три милијарди евра

Јанша ја повика ЕУ да ги исполни ветувањата за проширувањето на Западен Балкан