
Бројот на жртви во поплавите што ги погодија Непал и Кина надмина илјада, потврдија властите. Во исто време, спасувачките екипи се обидуваат да стигнат до областите што останаа изолирани поради поплави и лизгање на земјиштето. Според Агенцијата за управување со катастрофи во Непал, во таа земја се потврдени 987 смртни случаи, а се бараат уште 3.916 лица, вклучувајќи 583 странски државјани. Кинеските власти пријавија 16 смртни случаи завчера, пишува АП .
Досега се спасени најмалку 11.814 лица. Потрагата е фокусирана на пронаоѓање на околу 900 работници кои се водат како исчезнати на 12 градилишта на хидроцентрали. Се проценува дека 500 се заробени во тунели, а спасувачите се обидуваат да им обезбедат свежа вода и воздух. Поради ризикот од ширење на болести, властите во округот Читван во централен Непал започнаа со привремени погреби на неидентификувани тела.
Катастрофата започна на 26 август на Хималаите, каде што колапсот на глечерот испрати огромни количини карпи, мраз и вода во долините. Научниците кои анализираа сателитски снимки веруваат дека причината веројатно била фрактура на карпата под глечерот.
Лизгањето на земјиштето беше толку силно што беше регистрирано како сеизмички настан со магнитуда од 5,2 степени. Ненадеен бран вода и седимент ги поплави реките во Тибет и Непал, предизвикувајќи екстремно брзо зголемување на нивото на водата. Пороите однесоа куќи, згради, патишта и мостови и оставија зад себе големи количини кал и камења.
Во меѓувреме, преживеаните на места како Девигат и Бидур се враќаат во своите уништени домови за да се обидат да го спасат она што им останало од работите од калта. Многумина остануваат во училишта кои служат како привремени засолништа. Првите кремации на жртвите, меѓу кои и еден 21-годишник, беа одржани вчера.


