Утрински Весник
Свет

„Чуда се случуваат“: тинејџерка исчезнала пред четири години, па се појавила сама во полициска станица во Монтана

„Чуда се случуваат“: тинејџерка исчезнала пред четири години, па се појавила сама во полициска станица во Монтана

Девојка од Аризона, која исчезнала пред речиси четири години, се појавила во полициска станица во Монтана.

dobivaj vesti na viber

Илјадници извештаи дошле до ФБИ и Центарот за исчезнати и експлоатирани деца откако Алиша Наваро побегнала во 2019 година.

Во вторникот, полицијата во нејзиниот роден град Глендејл, Аризона, соопшти дека таа „се предала во полициска станица“ на околу 64 километри од американско-канадската граница.

„Чудата навистина се случуваат“, рече нејзината мајка Џесика Нунез во објава на Фејсбук.

Кога Алиша исчезнала од нивниот дом на 15 септември 2019 година, тогаш 14-годишното девојче оставило потпишана белешка на која пишувало: „Побегнав. Ќе се вратам, се колнам. Жал ми е.”

Но, нејзината мајка изјави за CBS News дека верува дека нејзината ќерка била намамена од некој што го запознала преку Интернет.

„Тоа не е нешто што се случило од ведро небо“, рече таа, „и верувам дека беше намамена да мисли дека ќе има некаква авантура, или забава, или можеби љубов“.

На тинејџерката и е дијагностициран аутизам и е страствен играч на видео игри, додаде таа.

На прес-конференцијата во вторникот, портпаролот на полицијата рече дека Алисија, која сега има 18 години, сама влегла во полициската станица во Монтана и се идентификувала.

Таа побара помош да ја извадат од списокот на исчезнати малолетници, но изгледаше безбедна, здрава и среќна, рече тој.

Портпаролот додаде дека се чини дека таа намерно излегла од дома и дека не била во „никаква неволја“.

Нејасно е како Алиша стигнала до Монтана, која е на повеќе од 1.900 километри од нејзиниот дом, а случајот останува под истрага.

„Сакам да му оддадам слава на Бога што одговори на молитвите и за ова чудо. За сите оние на кои им недостасуваат сакани, сакам да го искористите овој случај како пример. Чудата постојат. Никогаш не губете надеж и секогаш борете се“, рекла мајката на тинејџерката.

Поручникот Скот Вејт им кажа на новинарите дека мајката и ќерката имале емотивна средба, во која Алиша „се извинила за сè низ што поминала нејзината мајка“, пренесува Би-Би-Си.

Можете да прочитате

Маж се здоби со тешки изгореници од струен удар додека правел селфи на покрив на воз во Германија

Вооружена банда мотоциклисти киднапирала повеќе од 60 луѓе во северозападна Нигерија

Кина повторно воведe портокаловo ниво за опасност од дождовни бури