Утрински Весник
Македонија

Честитка од претседателката Сиљановска Давкова до американскиот претседател Бајден по повод Денот на независноста

Si Anovska Davkova.jpg

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, по повод Денот на независноста на Соединетите Американски Држави, упати честитка до претседателот на САД, Џо Бајден.

Во продолжение е интегралниот текст на честитката.

Почитуван господине Претседателе,

Ми претставува особена чест и големо задоволство, во име на македонските граѓани и во свое лично име, да Ви го честитам Денот на независноста, упатувајќи најискрени желби за просперитет и за сестран развој на Вашата држава и за благосостојба на пријателскиот американски народ.

Овој 4 Јули, американските граѓани ја прославуваат 248-годишнината од усвојувањето на Декларацијата за независност и ги слават принципите на слобода и на еднаквост, коишто се вградени во овој документ, што претставува инспирација за многу народи во светот. Стремежот на татковците на американската нација да формираат влада, којашто го застапува и ја црпи својата моќ од народот, е подеднакво валиден до денешен ден и за многу други народи и концепти на управување, вклучувајќи го и македонскиот. Споделувајќи и негувајќи ги овие вредности, ние сме горди на традиционалното пријателство со американскиот народ и сме посветени на неговото натамошно зацврстување, како и на унапредување на соработката во сите сфери од заемен интерес.

Како стабилен партнер и докажан сојузник на Соединетите Американски Држави во НАТО Алијансата, остануваме фокусирани на заедничките определби за безбедност, слобода и демократски просперитет со учество во заедничките активности во борбата против заканите врз стабилноста и мирот во Европа и во светот.

Ја користам оваа пригода да се заблагодарам за поддршката од страна на Соединетите Американски Држави во спроведувањето на нашите реформски процеси, нагласувајќи дека ќе продолжиме посветено да работиме на нивната реализација. Нашата крајна цел е унапредување на благосостојбата на македонските граѓани, полноправно членство во ЕУ, а со тоа и подигнување на нашиот статус и зголемување на нашата сила како сојузник во НАТО.

Повторувајќи ги моите срдечни честитки и надежта дека цврстите врски помеѓу нашите две земји и пријателски народи ќе продолжат да јакнат и во иднина, Ве молам, господине Претседателе, да ги примите изразите на моето највисоко почитување.

Гордана  Сиљановска-Давкова

Можете да прочитате

Панел-дискусија за родова еднаквост и спречување на насилството врз жени и девојчиња

Апасиев со обвинувања за валидноста на дипломата на директорот на АНБ

СДСМ: Полицијата потфрли во превенција на скандалозните настани, Тошковски се уште никаде го нема