Утрински Весник
Македонија

Честитка од Давкова по повод 2 Август, Илинден – Денот на Републиката – 24info.mk

Davkova 2.webp.webp

Драги сограѓани,

Илинден е сржта на македонската историја,


Илинден е срцето на македонската република,

Илинден е душата на македонската државност,

Илинден е тежок и прекрасен ден, ден на неизмерна тага и радост, но и ден на болка и гордост!  

2 Август е денот на двата Илиндена: Крушевскиот којшто ја роди идејата за Републиката и асномскиот којшто ја оживотвори.

Првиот беше искра, вториот пламен, првиот беше ослободителен крик и херојска епопеја, вториот беше државна конституција по победа.

Првиот посеа републиканско семе, вториот ја собра жетвата на Народноослободителната борба. 

Илинден е приказна што тече, се пишува и допишува со крв и солзи, порази и победи.   

Илинден нѐ учи дека Републиката не се наследува, туку се изборува и се заслужува.

Илинден нѐ обврзува да направиме од државата пристојно место за живеење за сите, место од кое нема да се бега, туку во кое ќе се доаѓа.

Илинден е пример за обединување заради заедничка цел и општо добро. 

Илинден е ден на тивка заклетва пред Никола, Питу, Даме, Гоце… и пред мноштвото знајни и незнајни борци, дека она што го сториле за нас, несебично вградувајќи се во темелите на македонската државност, никогаш нема да го заборавиме и засрамиме.

Драги потомци на славните илинденци, наследници на нивната визија, храброст и неизмерна љубов кон татковината, од срце ви го честитам Илинден, празникот над празниците.

Нека е вековита македонската република!

Нека ни е вечен Илинден!

Можете да прочитате

Билатерална средба на македонската и хрватската Царина: „Ќе оставиме видлив белег” во реформите за забрзана ЕУ интеграција

Tешко повредена тинејџерка, падна во отвор за лифт во зграда во изградба

Обвинителството бара преиспитување на ослободителната пресуда за таткото на Вања пред Апелација