
Во Општина Чаир е формиран Општинскиот совет за превенција на детско престапништво, а истовремено се одржа и првата седница на ова тело, со што започнува координиран меѓуинституционален пристап во насока на превенција на детското престапништво и заштита на децата.
Советот е составен од 11 членови, претставници на Општина Чаир, Советот на Општината, Јавното обвинителство, полицијата, Центарот за социјална работа, Министерството за социјална политика, советите на родители од основните и средните училишта, Адвокатската комора, здруженијата и фондациите кои дејствуваат во областа на заштитата и правата на децата, како и судија за деца.
На првата седница се дискутираше за улогата и начинот на функционирање на Советот, зајакнувањето на меѓуинституционалната соработка, како и за конкретните чекори што ќе се преземат во насока на превенција, навремено препознавање и справување со појавите кои можат да ја загрозат безбедноста и благосостојбата на децата.

Формирањето на овој Совет е дел од активностите што Општина Чаир ги иницираше во рамки на темата „Насилство меѓу врсниците”. Активностите ќе продолжат и во наредниот период, со посебен фокус на превенцијата, подигнувањето на свеста, соработката меѓу институциите и создавањето што е можно побезбедна средина за децата.

