
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги повика младите центарци да се пријават за субвенции за обука и полагање за возачка дозвола Б-категорија.
Тој посочи дека интересот за оваа мерка е зголемен и дека субвенциите претставуваат значајна поддршка за младите и нивните семејства.
„Ме радува што годинава имаме зголемен интерес за оваа мерка. Субвенциите не се само олеснување за семејниот буџет, туку и вистински чекор кон поголема безбедност во сообраќајот. Со соодветна обука, младите одговорно и совесно ќе седнат зад воланот”, порача Герасимовски.
Субвенцијата изнесува 10.000 денари, а право на аплицирање имаат лица родени во 2006, 2007 и 2008 година.
Општина Центар од оваа година воведе и олеснување на постапката, со тоа што субвенциите може да се исплатат и на трансакциската сметка на родителите, наместо како досега само на корисникот.
Правото на субвенција е еднократно, а апликантите треба да достават: барање за субвенција за полагање возачки испит Б-категорија во автошколи на подрачјето на Општина Центар; копија од лична карта; копија од трансакциска сметка; доказ за извршена уплата во автошкола; доказ дека автошколата е регистрирана на подрачјето на Општина Центар.
За реализација на овој проект, локалната самоуправа за оваа година издвои 2 милиони денари.
Јавниот повик трае до исцрпување на предвидените средства, а најдоцна до 31 декември 2026 година.
Барањата се поднесуваат во архивата на Општина Центар , барака бр. 6, секој работен ден од 09:00 до 15:00 часот.
За повеќе информации, граѓаните можат да се обратат на телефонските броеви 02/3203-600 и 02/3203-680.


