Утрински Весник
Свет

Цената на нафтата надмина 100 долари поради ескалацијата на кризата на Блискиот Исток

Nafta.webp.webp

Цената на суровата нафта денеска надмина 100 долари за барел, поттикната од заканите за нарушување на испораките преку Ормуска Теснина и теснината Баб ел-Мандеб, како и од стравувањата од нови напади врз енергетската инфраструктура на Блискиот Исток.

Меѓународниот репер „брент“ се тргуваше по цена од 100,17 долари за барел во 16:16 часот по локално време (13:16 по ГМТ), што е раст од околу 6,5 проценти во однос на претходното затворање од 94,07 долари.

Американската сурова нафта WTI достигна цена од 91,54 долари за барел, што претставува раст од 5,46 проценти во споредба со претходната сесија, кога се тргуваше за 86,80 долари.

Фјучерсите на „брент“ се искачија на највисокото ниво од 27 мај.

Последниот раст следуваше по новите предупредувања од Вашингтон и од Техеран, како и по информациите за напади врз саудиски нафтени танкери и за експлозија на брод во Ормуска Теснина.

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека Вашингтон ќе го смета Техеран за одговорен доколку јеменското движење Хути повторно нападне трговски бродови.

„Пред една година Соединетите Американски Држави силно ги нападнаа Хутите поради нивното попречување на трговијата со напади врз бродови. Оттогаш, па и за време на нашиот конфликт со Иран, тие се однесуваа многу одговорно. За жал, сега повторно почнуваат, напаѓајќи две саудиски пловила минатата ноќ“, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушал“.

Тој предупреди дека доколку Хутите повторно нападнат, САД ќе го сметаат Иран за одговорен, бидејќи движењето е ирански сојузник и посредник, и најави „голема воена казна“ и за Иран и за Хутите.

Претходно денеска, Хутите соопштија дека извеле воена операција против два саудиски нафтени танкери, користејќи балистички и крстосувачки ракети, како и беспилотни летала.

Американскиот државен секретар Марко Рубио ги повика Хутите да не се вмешуваат во конфликтот со Иран, оценувајќи дека Техеран ги вовлекол во војната.

Во меѓувреме, иранската армија предупреди дека би можела да нападне енергетски објекти низ регионот доколку продолжат американските напади врз иранската инфраструктура.

Иранската Револуционерна гарда соопшти дека нападнала американски воени бази во Кувајт и во Јордан, а истовремено наведе дека еден танкер бил погоден од експлозија во Ормуска Теснина, по што уште два брода се откажале од пловидбата низ јужниот поморски коридор, за кој Техеран тврди дека бил миниран.

Овие случувања дополнително ги засилија стравувањата за безбедноста во Ормуска Теснина, најважниот светски поморски теснец за транспорт на нафта, преку кој минува околу една петтина од глобалната потрошувачка на овој енергенс.

Американската војска синоќа соопшти дека извела уште една серија напади врз ирански воени цели, дванаесетта последователна ноќ на операции. Иранските медиуми јавија за експлозии на повеќе локации во југозападниот и во јужниот дел на земјата, вклучително и за оштетувања на електроенергетски објект во близина на нуклеарната централа Бушер.

Можете да прочитате

Претставничкиот дом на САД одобри рекордни 1,15 трилиони долари за одбраната

Воен хеликоптер со пет војници се урна на истокот од Чешка

ЕУ воведе нов пакет санкции кон Русија