Бројот на загинати во поплавите и лизгањето на земјиштето во индонезиската провинција Западна Суматра денеска се искачи на 62, соопштија властите.
Спасувачките тимови ги пребаруваат областите во близина на реките за 25 лица кои се уште се водат како исчезнати.
Дождовите почнаа во саботата, создавајќи порои, лизгање на земјиштето и текови на студена лава, која е мешавина од вулканска пепел, камења и течна кал, изјави шефот на спасувачкиот тим во Западна Суматра, Абдул Малик.
„Обилните дождови ги однесоа материјалите како пепел и големи камења од вулканот Марапи. Во последно време отсекогаш ни биле закана студената лава и пороите. Но, проблемот е што тоа секогаш се случува доцна навечер, пред зори“, рекол Малик.
Тој посочи дека на терен се околу 400 спасувачи, полицајци и војници кои со помош на неколку багери и беспилотни летала трагаат по исчезнати лица, а операцијата за спасување е отежната на оштетените патишта.
Националната агенција за управување со катастрофи соопшти дека се оштетени 249 куќи, 225 хектари земја, вклучително и оризови полиња, 19 мостови и повеќето главни патишта.
Индонезиската метеоролошка агенција БМКГ соопшти дека планира да се обиде да ги ублажи обилните врнежи што се очекуваат следната недела во Западна Суматра со „сеење на облаци“ за да се спречи дождот во најтешко погодените области.