Утрински Весник
Македонија

Божиновска во Баку: Шанса за Македонија да обезбеди нови зелени инвестиции

Bozinovska Cop29 1024x690.jpg

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, како дел од високата државна делегација предводена од претседателката Гордана Силјановска Давкова, учествува на COP29 – 29. Конференција на Обединетите нации за климатски промени во Баку, Азербејџан. Во делегацијата е и првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.

COP29 е глобален настан кој обединува светски лидери и експерти од над 70 земји. Годинешната тема на самитот е „Инвестирање во одржлива иднина“, со фокус на енергетската трансформација и заштитата на животната средина преку иновации и нови технологии. Овој самит, кој се одржува секоја година, претставува клучна платформа за земјите да ги координираат напорите за намалување на емисиите и промоција на обновливите извори.

Министерката Божиновска ја истакна важноста на учеството во овој самит кој претставува можност Македонија да воспостави нови меѓународни партнерства и да обезбеди нови инвестиции во обновливи извори и одржлива енергетска инфраструктура, што ќе придонесе кон постигнување на долгорочните климатски цели и економски развој.

„Ваквите настани ни овозможуваат размена на знаења и искуства со глобалната заедница и можност да воспоставиме соработка што ќе придонесе кон нашата транзиција кон зелена енергија.“ истакна Божиновска.

Македонската делегација активно ќе работи на воспоставување партнерства и можни инвестиции кои ќе овозможат иновативни проекти во земјата, со цел унапредување на енергетската независност и заштитата на животната средина.

Можете да прочитате

Велковски: На граѓаните ќе им се овозможи да докупат до две години стаж за пензија

Маж од Кратово со нож прободел полицаец

Уапсени 18 возачи за „безобѕирно управување возило“, 17 возеле без возачка дозвола и еден под дејство на алкохол