Утрински Весник
Македонија

Блупринт групата: Јолевски да се огради од навредите на членови на Советот против граѓанското општество и да побара извинување

Блупринт групата: Јолевски да се огради од навредите на членови на Советот против граѓанското општество и да побара извинување

Блупринт групата за реформи во правосудството преку медиумите се обраќа до претседателот на Советот на јавните обвинители, г. Јолевски, и го повикува во името на Советот да се произнесе за ставот на Советот во однос на дискусијата водена од страна на членови на Советот на јавни обвинители на седницата одржана на 11 ноември 2022 година, а на која беа упатени навреди за претставниците од граѓанското општество, професионалци во правната професија и функционери. Поради тоа, контекстот на дискусијата беше крајно непрофесионален, во целост спротивна на стандардите за етичко однесување на јавните обвинители и претставува ризик за создавање недоверба, што може да доведе до несоработка со заинтересираните страни во реформата на правосудството.

dobivaj vesti na viber

Имено, на 69-тата јавна седница на Советот на јавните обвинители, одржана на 11 ноември 2022 година, на која присуствуваа и претставници од организациите членки на Блупринт групата за реформи во правосудството, а кои редовно ја следат работата на Советот на јавните обвинители (под точка разно од дневниот ред), од страна на членовите на Советот беше отворена дискусија за јавните реакции на стручната јавност, правните експерти и граѓанските организации за спроведувањето на изборот на основен јавен обвинител на ОЈО ГОКК.

Во рамките на дискусијата, еден од членовите на Советот во неколку наврати упати навреди кон Блупринт групата и граѓанското општество во целина, при што се обиде навредливо да ја дискредитира работата на организациите од Блупринт групата. Од дискусија на овој член на Советот, која содржеше неаргументирани несогласувања со јавно споделениот став на Блупринт групата за недоволната транспарентност во процесот на избор на основен јавен обвинител на ОЈО ГОКК, најмногу загрижува неговиот став и намера да укаже дека граѓанските организации не треба воопшто да даваат мислење во јавноста за работата на Советот и дека тие се под политички влијанија и критиките упатени кон Советот се со намера за рушење на неговиот кредибилитетот. Оваа дискусија не беше спречена од страна на претседателот на Советот на јавните обвинители, ниту од друг член, а уште позагрижувачки е дека не беше ниту изолирана. Имено, во продолжение на дискусијата од страна на друг член на Советот беше истакнато дека ставовите искажани од нивниот колега за Блупринт групата се ставови и на Советот.

Веднаш по завршувањето на седницата, Блупринт групата испрати писмо до г. Јолевски како претседател на Советот на јавните обвинители со барање во најкус рок да се произнесе дали искажаните ставови на двајцата членови се став на Советот или се лични ставови на членовите на Советот.

Тргнувајќи од досегашната соработка помеѓу Блупринт групата за реформи во правосудството и Советот на јавните обвинители, сметаме дека со искажаната дискусија со навреди и непрофесионален тон се создава околина на недоверба и несоработка помеѓу Советот и граѓанското општество во клучен момент за процесите за реформа на правосудството и европските интеграции. Нас нè загрижува потценувачкиот и навредувачкиот однос од член на Советот, кој е истакнат правник, и сметаме дека тој претставува и притисок врз граѓанското општество, со цел да ја ограничи конструктивната критика упатена кон работата на јавните институции, а со тоа и да се намали степенот на отвореност, инклузивност, транспарентност и отчетност на институциите, кои се клучни елементи на принципот на владеење на правото како темел на демократските општества.

Очекуваме од г. Јолевски како претседател на Советот на јавните обвинители, кој досега покажал висок професионален интегритет и бил отворен за комуникација и соработка со граѓанските организации, во името на Советот на јавните обвинители да се произнесе по барањето на Блупринт групата за реформа на правосудството и притоа јавно да се огради од ставовите искажани од двајцата членови на Советот против граѓанското општество и да побара од нив да се извинат за навредите упатени кон претставниците на граѓанките организации и кон сите други кон кои биле упатени навредите и дискредитациите.

Можете да прочитате

ОЈО бара снимки за националистичките скандирања во Куманово

Мицкоски утре на поставување камен темелник на спортска сала во Воената академија

Нови пожари низ Македонија, гори кај Ваксинце, Богомила, Милетино и Церово