Американскиот државен секретар Ентони Блинкен побара од Стејт департментот да изврши ревизија и да ги претстави опциите за можно американско и меѓународно признавање на палестинска држава по војната во Појасот Газа, изјавија за Аксиос двајца функционери информирани за ова прашање.
Додека американските официјални лица велат дека нема промена во политиката, фактот што Стејт департментот воопшто ги разгледува таквите опции сигнализира промена во размислувањето во администрацијата на претседателот Џозеф Бајден за можното признавање на палестинската државност, многу чувствително прашање и на меѓународно и на домашно ниво.
Со децении, американската политика беше да се спротивстави на признавањето на Палестина како држава, и билатерално и во институциите на ОН, со нагласок дека палестинската државност треба да се постигне само преку директни преговори меѓу Израел и палестинската управа.
Напорите за изнаоѓање дипломатски начин за излез од војната во Газа ја отворија вратата за преиспитување на многу стари парадигми и политики на Америка, изјави неименуван висок американски функционер.
Администрацијата на Бајден ја поврзува можната нормализација меѓу Израел и Саудиска Арабија со отворањето на патот за формирање на палестинска држава како дел од нејзината стратегија по Газа.
Таа иницијатива се заснова на напорите на администрацијата на Бајден пред 7 октомври да преговара за широк договор со Саудиска Арабија, чиј дел е мировниот договор Ријад-Израел.
По 7 октомври, саудиските власти ставија до знаење и јавно и приватно дека секој договор за нормализација со Израел ќе биде условен со создавање на „неотповиклив“ пат кон палестинска држава.
Некои од администрацијата на Бајден сега мислат дека признавањето на палестинската држава би можело да биде првиот чекор во преговорите за решавање на израелско-палестинскиот конфликт, а не последен, изјави висок американски претставник.