Утрински Весник
Македонија

„Без личен асистент сме беспомошни“ – семејство открива како се живее со мултиплекс склероза

Img 3399.jpeg

Социјалната услуга „личен асистент“ не претставува само административна или техничка поддршка, туку е суштинска помош за физичкиот опстанок и економската стабилност на семејствата кои живеат со тешки и непредвидливи болести. Ова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ го истакна Славе Тримчески, чие семејство секојдневно се соочува со предизвиците од мултиплекс склероза.

Тримчески ја опиша мултиплекс склерозата како исклучително подмолна болест, состојба во која пациентот во секој момент може да ја изгуби моториката или контролата врз движењата. Иако лицето може самостојно да се движи низ домот со помошни средства, ризикот од ненадејни падови е постојано присутен.


„Едноставно, неопходно е покрај него цело време да има човек. Без асистент, тоа е невозможна мисија“, вели Тримчески.

Тој нагласи дека личниот асистент не значи само сигурност за болното лице, туку и шанса за преживување на целото семејство. Грижата за лице со ваква дијагноза, посочува, практично оневозможува редовен работен ангажман за останатите членови на домаќинството.

Благодарение на оваа услуга, Тримчески денес може повремено да работи дополнителни ангажмани во градежништвото, со цел да обезбеди средства за живот. Претходно, додека бил вработен во Македонски Телеком, семејството успевало да функционира со помош на неговите родители. Но по нивната смрт, личниот асистент станал единствената врска меѓу грижата за болниот и можноста за работа.

Денес, семејството се потпира исклучиво на оваа услуга. Нивната 14-годишна ќерка е посветена на образованието и не може да го преземе товарот на секојдневната грижа.

„Без асистентот сме беспомошни“, порачува Тримчески, потенцирајќи дека оваа помош значи достоинство, безбедност и надеж во борбата со мултиплекс склерозата.

Можете да прочитате

„Гоце Делчев е светиња“ – Петровска се огради и испрати силна порака

Ѓорѓиевски до властите: Кратете од луксузи, не од „зрнцето“ надеж за најранливите

Од мозочен удар до отказ: Тримчески ја откри животната голгота