Утрински Весник
Македонија

Беше во бегство, го уапсија во Косово, а сега повторно го нема: Красниќи пуштен 30 дена на лекување и не се вратил во „Идризово“

Screenshot 2026 08 12 152904.jpg

Бесим Красниќи од скопското село Кондово, кој издржувал затворска казна во КПУ „Идризово“, не се вратил во затвор откако му истекол одобрениот 30-дневен прекин на издржувањето на казната поради лекување. Откако судот го одбил неговото барање прекинот да биде продолжен, Красниќи не се појавил повторно во затворската установа, по што била издадена наредба за негово приведување.

Красниќи во „Идризово“ беше спроведен во 2024 година за да го доиздржи остатокот од затворската казна за кривични дела разбојништво, тешки дела против општата сигурност и казнување за подготвување во врска со кривично дело тероризам.

Во мај годинава Кривичниот суд го уважил неговото барање за привремен прекин на издржувањето на затворската казна поради здравствени причини. Одлуката била донесена врз основа на медицинска документација и мислења на лекари дека биле потребни дополнителни испитувања кои не можеле да бидат извршени во затворски услови.

Од Кривичниот суд објаснуваат дека при носењето на одлуката биле земени предвид медицински наод од лекар во Службата за здравствена заштита на осудени и притворени лица во „Идризово“, како и мислење од абдоминален хирург.

„Прашањето дали потребното лекување може соодветно да се спроведува во затвор или е неопходно лекување надвор од установата е пред сè медицинско прашање, за кое одлучуваат надлежните лекари врз основа на здравствената состојба на осудениот“, посочуваат од судот.

Според медицинското мислење, кај Красниќи биле потребни дополнителни испитувања, меѓу кои и гастродуоденографија и евентуална „re-do“ процедура, поради што било препорачано привремено прекинување на казната за да може испитувањата да се спроведат надвор од затворот.

По истекувањето на одобрените 30 дена, Красниќи на 16 јуни побарал прекинот да му биде продолжен. Судот, сепак, го одбил барањето, оценувајќи дека од дополнително доставената медицинска документација не произлегува потреба тој да остане на лекување надвор од затворот подолго од веќе одобрениот период.

Красниќи поднел и жалба, но и таа била одбиена, а одлуката на судијата за извршување санкции била потврдена.

И покрај тоа, тој не се вратил во КПУ „Идризово“.

На 10 јули 2026 година судот бил известен од директорот на затворот, Зоран Јовановски, дека Красниќи не се вратил на издржување на казната. По известувањето, судот издал наредба за негово приведување, како и потерница доколку биде утврдено дека се крие или се наоѓа во бегство.

Бесим Красниќи беше уапсен на 5 мај 2024 година во Феризај (Урошевац), Косово, заедно со уште три лица. Меѓу уапсените тогаш беше и Агим Красниќи, кој, според неофицијални информации, во меѓувреме ја доиздржал затворската казна.

Можете да прочитате

Гори кај Моране: Три авиони вклучени во битката со шумскиот пожар

Син го пронашол татка си починат со прострелна рана

Потрага по младо момче во Тетово: Излегло од дома и не се вратило