
Кекеновски ѝ подари на Македонија една прекрасна културна приказна, а македонските медиуми пропуштија да ѝ ја раскажат на македонската јавност
Како долгогодишен музичар, кој во својата кариера настапувал на бројни музички сцени, автор на броји музички нумери чувствувам потреба јавно да проговорам за нешто што искрено ме разочара и како музичар и како Македонец од српско потекло.
На 18 ноември 2026 година ја имав честа и задоволството да бидам дел од музичкиот ансамбл на проф. д-р Јове Кекеновски на неговиот солистички концерт во големата сала на Коларчевата задужбина во Белград. Настан за кој допрва треба да се зборува, а кој македонските медиуми, со мали исклучоци, го премолчеа.
За оние што не знаат или, пак, не се потрудиле да дознаат, Коларац не е обична концертна сала. Тоа е една од најпрестижните музички сцени во овој дел од Европа, сала во која настапувале врвни светски музички имиња и во која можноста за одржување солистички концерт претставува особена чест и признание за секој уметник.
Од Македонија на оваа сцена настапувале имиња како Тоше Проески, Калиопи, Влатко Стефановски и националниот ансамбл „Танец“. А сега, по толку години, на оваа престижна сцена свој солистички концерт одржа македонски универзитетски профеор на кој хармониката и музиката му е хоби мешуто на највисоко професионално и виртуозно ниво. Се работи за човек кој со децении негува и афирмира и креира музички вредности и го промовира пред се македонското но и балканското музичко наследство.

Она што особено ме импресионираше таа вечер, покрај самиот концерт, беше составот на публиката. На едно место се собраа истакнати личности од музичкиот, академскиот и јавниот живот на Србија и регионот. Меѓу присутните беа Жељко Самарџиќ, легендарниот Бранимир Ѓокиќ, Бане Васиќ, Енџи Авриќ, Вук Кандиќ, Николиќ – Патало, академик Сретен Ного, доктор Илиевски од клиниката „Дедиње“ човек со македонски корени, директори на фестивалите од Бихаќ и Златибор, Сокобања, уредници и раководни луѓе од РТС и ПГП РТС, угледни судии, обвинители, универзитетски професори, адвокати и бројни други почитувани личности.
На концертот допатуваа и пријатели и почитувачи на Кекеновски од Босна и Херцеговина (од Сараево, Тузла и Бихаќ), Црна Гора, Хрватска и Бугарија, познатиот хармоникаш Синиша Вичентијевиќ и членови на Народниот оркестар на РТС, а особено ме израдува присуството на голем број наши иселеници, кои и покрај големото невреме што таа вечер го зафати Белград, дојдоа и ја исполнија големата сала на Коларац.
Како музичар, добро знам што значи кога во публиката седат едни од најдобрите хармоникаши, вокални солисти и музички авторитети на Балканот и кога тие со своето присуство, аплаузи и пофални зборови му оддаваат признание на еден свој колегауниверзитетски професор по политички науки. Таквата почит не се купува, не се нарачува и не се добива преку ноќ. Таа се заслужува со години.
Посебна тежина на вечерта ѝ даде и доделувањето на наградата за животно дело, која на професорот Кекеновски му ја врачи директорот на фестивалот од Бихаќ Дилвад Дадо Фелиќ, Босна и Херцеговина, како признание за неговиот придонес во музиката, афирмацијата на мултикултурализмот и културното поврзување на балканските народи.
Кекеновски таа вечер приреди вистински музички земјотрес во Коларац, кој беше крунисан со изведбата на нашето „Македонско девојче“.
Посебна уметничка вредност на концертот му дадоа извонредните вокални интерпретации на Горан и Ленче Кукиќ, Благоја Грујовски и Ринго Хамидовиќ, кој специјално за овој концерт допатува од Сјеница. Одличната музичка придружба ја обезбеди групата „Фонтана“ од Битола (Кирил Стојчевски, Благоја Тррајковски, Тони Цветановски и Зоран Озо Ристевски) засилена со моето учество на бас-гитара, со ВанчоЈовчев на синтисајзер и Горан Стоилков на втор синтисајзер.
Особено задоволство ми причинија реакциите на присутните за време на коктелот по концертот. Речиси сите до еден беа воодушевени. Многумина од нив, меѓу кои и врвни музички професионалци, ни говореа дека одамна не присуствувале на толку добро подготвен концерт, како во програмска и уметничка, така и во изведувачка смисла. Не штедеа пофални зборови за изборот на композициите, одличното музицирање и извонредното пеење.

И додека Балканот му аплаудираше на еден од најголемите македонски уметници, македонските медиуми удобно си молчеа.
Со исклучок на Македонската телевизија, која емитуваше прилог пократок од четири минути, и гостувањето на професорот во утринската програма на телевизија Алфа по концертот, речиси и да немаше посериозен медиумски интерес.
Ниту една македонска телевизија, колку што ми е познато, не најде за потребно да испрати своја новинарска и телевизиска екипа во Белград, да го документира овој несекојдневен музички настан и да остави трајно сведоштво за македонската културна историја. За разлика од нив, Радио-телевизија Србија го сними целиот концерт со шест камери и предвидено е одложено да го емитува во својата програма. Радио Белград му посвети внимание на настанот, професорот беше застапен во утринската програма на РТС и во популарната „Шареница“ во два наврати, а беше гостин и во познатата музичка емисија „Никад није касно“.
Српскиот јавен сервис ќе го зачува за идните генерации она што македонските телевизии не почувствуваа потреба ниту да го снимат. Нека ми простат господата уредници на македонските телевизии, особено оние со национална концесија, но ова не е само обичен професионален пропуст. Ова е сериозен показател за отсуството на културен сенс, професионална љубопитност и чувство за националните културни вредности.
Што уште требаше да се случи таа вечер за концертот да го заслужи нивното внимание? Зарем не беа доволни престижот на Коларац, исполнетата сала, присуството на балканската музичка елита, меѓународното признание за животно дело и фактот што српскиот јавен сервис го снимаше целиот концерт со шест камери?
За политички препукувања, естрадни скандали, црна хроника, баналности и евтини сензации нашите медиуми имаат и време, и простор, и новинари, и камери. За еден македонски уметник кој со својот труд и талент ја афирмира сопствената држава на една престижна меѓународна сцена, очигледно немаат.
Националната концесија не треба да се доживува само како деловна привилегија и можност за заработка. Таа подразбира и одговорност кон јавноста, кон културата, кон националното музичко наследство и кон неговата афирмација. Ако нашите медиумски уредници не се способни да ја препознаат разликата меѓу еден обичен естраден настан и концерт од вакво културно и национално значење, тогаш навистина имаме сериозен проблем со критериумите според кои се креира македонскиот медиумски простор.
Не барам никој да го велича Кекеновски по секоја цена. Не станува збор ниту за неговата политичка, ниту за неговата академска кариера. Станува збор за нешто многу поважно – за афирмација на Македонија, на нејзината музика, култура и традиција.
Кекеновски таа вечер, според мене, направи за Македонија повеќе отколку што понекогаш можат да направат дваесеттина амбасадори. Без политички говори, без дипломатски протоколи, туку со музика, талент, знаење и огромен вложен труд. Тоа е вистинска културна дипломатија.
За волја на вистината, морам да им оддадам заслужено признание на Министерството за култура и на неколкумина македонски стопанственици кои го препознаа значењето на овој проект и финансиски го помогнаа неговото реализирање. Секоја чест за нив. Тие покажаа дека во Македонија сепак има институции и поединци кои знаат да препознаат и да поддржат вистински културни вредности.
За жал, истото не можам да го кажам за најголемиот дел од македонските медиуми.
Ние, музичарите, многу добро знаеме колку труд, откажувања, финансиски средства и организациски напори се потребни за реализација на концерт од ваков формат.Знаеме и колку е тешко да се стекне почит надвор од сопствената земја. Токму затоа боли кога таа почит ќе ја добиеш од другите, а дома ќе наидеш на рамнодушност. И потоа се чудиме зошто сме таму каде што сме на културен и музички план. Се жалиме дека другите не нè познаваат доволно, дека не нè почитуваат, дека недоволно се афирмираме во светот. А кога некој наш човек ќе направи нешто значајно токму на тој план, ние самите не наоѓаме за потребно ниту да го забележиме.
Културата не се гради само со стратегии, буџети, институции и пригодни говори.Таа се гради и со способноста на едно општество да ги препознае, почитува и афирмира луѓето што создаваат вредности. Во тој процес медиумите имаат огромна одговорност.
За жал, уште еднаш се потврди една наша стара и болна слабост: вредиме за другите, другите ни се восхитуваат и нè почитуваат, а дома за сопствените вредности пет пари не даваме.
Како музичар бев горд што сум дел од оваа екипа. Како Македонец од српско потекло бев неизмерно горд на начинот на кој ја претставивме Македонија. Но како граѓанин сум длабоко разочаран од односот на македонските медиуми кон овој настан.
На професорот Кекеновски – секоја чест за храброста, амбицијата, музичката посветеност и за сето она што го направи за афирмација на нашата земја. На македонските медиуми, пак, им останува сериозно да се преиспитаат што подразбираат под професионална и општествена одговорност.
Медиумскиот молк не го намалува успехот на Кекеновски, ниту вредноста на концертот. Тој многу повеќе говори за оние што молчат отколку за оној на кого Балканот му аплаудира.
На 18 ноември во Белград не одржавме само концерт. Добивме и лекција за тоа како се почитуваат уметноста, уметниците и вистинските културни вредности. Штета што оние на кои најмногу им беше потребна таа лекција не беа таму за да ја научат.
Никола Митровиќ
Музичар – бас-гитарист и непосреден учесник на концертот ,,Балкански жубор’’ на Проф д-р Кекеновски
П.С. Секоја чест за колегите естрадни уметници Новица Соколовси, Стеван Христовски и Горан Алачки кои специјално дојдоа во Белград да го испочитуваат професорот и сите нас.


