Утрински Весник
Македонија

Јавното обвинителство презентира нова комуникациска стратегија, најавува проактивна комуникација и враќање на довербата

20260602143235 big 730x400 37.webp.webp

Јавното обвинителство на Република Македонија презентира нова комуникациска стратегија на Јавното обвинителство за периодот 2026 – 2028 година и акциски план за нејзина имплементација.

Според државниот јавен обвинител Ненад Савески, еден збор од овој стратешки документ што треба да го опише пристапот на кој ќе инсистираат е „проактивна“ комуникација на Јавното обвинителство со јавноста, која нема да чека да се постават прашања, па да се даде одговор, туку однапред ќе се појаснува постапувањето, односно одлучувањето на јавните обвинителства на граѓаните грижејќи се тие точно и навремено да ги разберат одлуките што ги носиме.


– Токму во таа насока планирам набргу да извршам измена и прецизирање во упатството за односи со јавноста. Сите обвинители не само што ќе го уживаат правото на слобода на изразување туку тоа ќе биде и нивна обврска да ја информираат јавноста за предметите по кои постапуваат, се разбира онолку колку што тоа им го дозволува законот. Воедно, ќе ги разработиме и системите за интерна и кризна комуникација, како и подобрување на координацијата во известувањето со други институции и органи. Можеби навидум мали чекори, но се исклучително важни – порача Савески.

Стратегијата, според Савески, значи дека во ниеден момент ЈО не дејствува стихијно, туку внимателно и темелно пристапува кон односите со јавноста нагласувајќи дека ќе го вложи целиот капацитет за враќање и заслужување на јавната доверба.

– Предметите по кои постапува ЈО најчесто во јавноста се главна вест и секогаш кога се соочуваме со таква ситуација, постои разлика меѓу тоа што јавноста очекува да го слушне од ЈО и она што, од друга страна, законот ни го дозволува, односно во кои рамки можеме да се движиме, пред сè водејќи се од тоа во која фаза е постапката од интерес на јавноста. Таквиот сооднос и несовпаѓање бара добра подготовка, проверка, точни и прецизни информации.

Ова, според Савески, претставува сериозна и одговорна задача, истовремено нагласувајќи дека ЈО не тргнува од нула, туку е само надополнување и надградба на сето она што досега го практикува ЈО во име на транспарентноста, од една страна, и она што е базична улога на Обвинителството, од друга.

– Да се избегне сензационализам, но и шпекулациите во исто време, а ЈО да истапи со потенцирање на фактите, кои се произлезени од јавнообвинителското постапување, а со цел да се заштитат правата на самите учесници во постапката, пред сè на жртвите и на обвинетите, односно осомничените во постапката. Но и да се увери јавноста во сето тоа дека се спровела постапка од која произлегле одредени факти и во која на самите учесници ќе им бидат загарантирани правата во целост, и тоа од страна на јавниот обвинител – нагласи Савески.

Јавното обвинителство е сложен орган со 23 основни јавни обвинителства, четири виши јавни обвинителства и едно републичко, во кои на разни нивоа работат 190 јавни обвинители.

Савески порача дека очекува преку отворен пристап кон граѓаните тие во Јавното обвинителство да препознаат институција што го штити и секогаш пред себе го има јавниот интерес. Сепак, тој укажа дека голем број планирани активности во комуникациската стратегија има соодветни финансиски импликации, без кои не може да се реализираат.

– Сиромашно ЈО не може да се спротивстави на богатиот криминалитет – нагласи Савески и порача дека „извршната и законодавната власт мора да покажат волја да овозможат функционирање на Јавното обвинителство“.

Заменик-генералниот обвинител на Португалија, Пауло Жорже Виеира Моргадо де Карвајо, во своето излагање нагласи дека централната идеја е едноставна – стратешката комуникација не се само односи со јавноста, туку тоа е функција на владеење на правото за граѓаните да ги разберат законитоста, независноста и отчетноста.

– Јавната дебата денес е брза и фрагментирана. Молкот на институциите и недостигот на официјални информации може да го пополнат дезинформациите. Затоа треба да се комуницира транспарентно, стратешки и законито – порача Карвајо.

Довербата на јавноста, нагласи тој, не значи популарност како кај политичарите, туку легитимноста на обвинителите потекнува од нивната законитост, независност и јавната отчетност.

– Обвинителството се соочува со чудна дилема. Јавниот интерес за информации е најголем кога претпазливоста е најважна. Судовите најчесто зборуваат преку пресуди, а од јавните обвинителства се бара да зборуваат многу порано кога постапките сè уште се во истрага и прекумерните информации може да ја загрозат истрагата. Рамнотежата е јасна – јавните обвинители мора да информираат, без прејудицирање, да објаснат, без да ја загрозат законитоста, и да бидат транспарентни, без компромитирање на истрагите – изјави Карвајо.

Професорката на Правниот факултет и раководител на Катедрата за односи со јавност, Јасна Бачовска-Недиќ, во своето излагање нагласи дека Јавното обвинителство не е обичен орган на јавната управа, туку претставува сегмент на третата власт, можеби најважната во една демократска држава и токму затоа стратешките комуникации не се само некоја техничка потреба, туку демократска потреба на едно општество.

– Принципот на транспарентност е најтежок и тука е најголемиот конфликт меѓу медиумите и судството. Ние имаме фрагментиран, високо поларизиран медиумски систем со низок интегритет и тука се бара крв и сензација, а правото е конзервативно, фазно и бавно и треба многу да го познавате за да не правите штета – порача Бачовска-Недиќ.

Според Бачовска-Недиќ, Јавното обвинителство мора да најде начин да биде видливо во медиумите, но на конструктивен начин и со едукативна функција.

– Општествена одговорност на судот и на Обвинителството, а и обврска е, да се доближите до граѓаните и да го подигнувате нивото на правна култура, која е многу ниска во нашето општество – порача Бачовска-Недиќ.

Новата комуникациска стратегија на ЈО заедно со новото лого е изработена во соработка со проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“

Можете да прочитате

Недостигот на емпатија клучен фактор за меѓуврсничкото насилство

Стефан Богоев меѓу приведените во денешната акција?

Акција на финансиската полиција: Претреси на повеќе локации, приведени повеќе лица