Утрински Весник
Македонија

Авионот со македонските фудбалери итно се врати во Истанбул по технички дефект

Img 6474.jpeg

Авионот со кој македонската фудбалска репрезентација денеска требаше да се врати од Истанбул во Скопје бил принуден итно да ја прекине рутата и да се врати назад на аеродромот во Турција поради технички проблем, дознава 24инфо.

Според податоците од сервисот Flightradar24, станува збор за летот FH1949 на авиокомпанијата „Freebird Airlines“, реализиран со авион од типот Airbus A320-214 со регистрација TC-FHK. Леталото полетало од меѓународниот аеродром во Истанбул во 12:10 часот по македонско време и требало да слета на Меѓународниот аеродром Скопје.

Сепак, само дваесетина минути по полетувањето екипажот забележал техничка неисправност, по што пилотот веднаш побарал дозвола за враќање. Контролата на летање експресно го одобрила барањето и започнала процедура за безбедно враќање на воздухопловот.

Радарските податоци покажуваат дека авионот достигнал висина од околу 8.000 стапки, по што наместо да го продолжи летот кон Македонија направил свртување над Мраморното Море и регионот Силиври. По изведувањето на потребните маневри за безбедно приближување кон аеродромот, леталото успешно слетало во Истанбул во 12:47 часот по македонско време.

Според информациите до кои дојде 4news.mk, станува збор за помал технички проблем и во ниту еден момент не била загрозена безбедноста на патниците и членовите на македонската репрезентација. Благодарение на навремената реакција на пилотот и стандардните безбедносни процедури, авионот без проблем бил вратен на аеродромот.

Во моментов се очекуваат дополнителни информации за тоа кога македонската експедиција ќе го продолжи патувањето кон Скопје.

Неочекуваната ситуација се случува само еден ден по обврските на македонската репрезентација во Истанбул, каде што фудбалерите настапуваа во рамките на подготовките и контролниот натпревар против Турција.

Можете да прочитате

Хоџа од МЕФ 2026: Западен Балкан мора заеднички да ја предводи зелената транзиција 

Сиљановска-Давкова – Пелегрини: Сите земји кандидатки треба да имаат еднаков третман на патот кон ЕУ

Скопјанец измамен за над 5000 евра