Турнир во DOTA 2, како дел од Есенскиот гејминг месец (Autumn Gaming Month), се играше изминатиов викенд во организација на Македонската еспорт асоцијација – МЕСА. Од почетокот на месец ноември, преку овој онлајн гејминг настан играчите имаа можност да учествуваат или да ги следат во живо турнирите во неколку игри како Fortnite, Clash Royale, Counter-Strike: Global Offensive и шах.
По отворениот повик за сите играчи, учество во DOTA 2 турнирот земале вкупно 16 тимови, а организацијата поминала во најдобар ред, без никакви технички проблеми или задоцнувања, велат од МЕСА.
„Имавме огромна гледаност на нашиот Twitch канал, што дополнително докажува дека интересот за гејмингот отсекогаш бил тука. Турнирот се играше од 28 до 29 ноември и е во склоп на Autumn Gaming Month. Групната фаза се играше во една добиена (Best of 1) распределена на 4 групи со по 4 тимови од кои по два тима од група одат понатаму за да се натпреваруваат во плеј-оф фазата (ТОП 8, се играше во две добиени, односно Best of 3)“, велат од Македонската еспорт асоцијација.
Првото место го освоил тимот на „Mjolnir“, кој уште пред почетокот на Гранде DOTA 2 турнирот важел за фаворит, па турнирот го завршиле без ниту една изгубена мапа.
„Стефан „stephen“ Николовски, Косте „kokix3“ Пејовски, Димко „mad snek“ Атанасков, Ристо „rist0“ Цветковски и Игор „Stojkov“ Стојков се играчите на тимот на „Mjolnir“. На второто место заврши тимот „Кираџии“, додека трето и четврто место завршија тимовите на „M.O.B.“ и „pita4i““, известуваат од МЕСА.
Autumn Gaming Month продолжува и во декември. Од МЕСА најавуваат нов турнир неделава, овојпат во играта League of Legends.
„Сега се пренасочуваме на другата најпозната МОВА игра, односно League of Legends (LoL). Турнирот ќе се одржи од 4 до 6 декември каде што најдобрите македонски тимови ќе си ги искажат нивните способности и ќе покажат кој ќе остане неприкосновен шампион на Македонија“, најавуваат од МЕСА.
Тие велат дека очекуваат да се надмине бројот на истовремени гледачи од првиот пат кога организирале ваков турнир претходно во април годинава.
Македонската еспорт асоцијација организираше три настани годинава. Во разговор за „Мета.мк“, претседателот на МЕСА, Константин Пејоски рече дека во период кога е најдобро сите да останат дома, континуирано се рушат рекорди во број на играчи и број на гледачи.