
Полицијата во јапонскиот град Осака уапси маж осомничен за обид за убиство откако со автомобил удрил во седум ученици, јавуваат локалните медиуми. Децата се враќале дома од училиште кога осомничениот намерно тргнал со автомобилот кон нив во мирно станбено подрачје во 13:30 часот по локално време, објави јавниот радиодифузер НХК.
Седумгодишно девојче добило скршена вилица, додека останатите деца, момчиња и девојчиња на возраст од седум и осум години, наводно добиле релативно лесни повреди. Сите биле во свесна состојба кога биле пренесени во болница. Полицијата на местото на настанот го уапсила Јуки Јазава, 28-годишен невработен маж од градот Хигашимурајама во Токио. Не е јасно зошто се наоѓал во Осака.
„Едноставно ми беше доста од сè, па решив со автомобилот да убијам ученици од основно училиште“, изјавил Јазава пред полицијата, пренесува НХК. Според извештаите, наставници од основното училиште го извлекле осомничениот од автомобилот, во кој останал по ударот во децата.
Мајка во дваесеттите години, која дошла да го земе својот син и била сведок на нападот, изјави за НХК: „Автомобилот возеше брзо и продолжи да се движи напред дури и откако ги удри децата. Мојот син беше многу шокиран и плачеше цело време…Застрашувачки е. Го видов човекот што го возеше автомобилот. Беше многу тивок и изгледаше зашеметено.“
Друг сведок за НХК изјави дека автомобилот се вратил кон децата откако ги удрил. Ученик од основно училиште за МБС Њуз, изјави дека мажот во автомобилот „возел несигурно“. „Одев покрај патот и одеднаш автомобилот за малку не нè удри. Учениците од втора и трета година пред мене беа повредени и крвареа од главата откако беа заробени меѓу автомобилот и ѕидот“, рече ученикот.