Утрински Весник
Економија

Ангеловска-Бежоска: Со приклучувањето кон СЕПА до поевтини и побрзи прекугранични плаќања во евра

20240709093927 Big 730x400 63.webp.webp

Народната банка се подготвува до Европскиот совет за плаќања да ја поднесе апликацијата за пристапување на земјава во Единствената област за плаќања во евра – СЕПА што ќе им овозможи на граѓаните и компаниите да добијат поевтини и побрзи прекугранични плаќања во евра.

СЕПА е иницијатива на Европската банкарска и платежна индустрија претставувана од Европскиот совет за плаќања, поддржана од Европската комисија и другите институции на Европската Унија (ЕУ) и Евросистемот, за зголемување на ефикасноста на плаќањата во еврa и натамошен развој и продлабочување на заедничкиот европски пазар.

Граѓаните и фирмите од земјите членки можат да вршат безготовински плаќања во евра, преку кредитни трансфери, вклучувајќи и инстант плаќања и директни задолжувања во било која земја-членка на СЕПА на брз, безбеден и ефикасен начин и по исти трошоци како и домашните плаќања.

Со пристапувањето на земјава кон СЕПА, граѓаните и компаниите ќе имаат помали трошоци за прекуграничните трансакции коишто ќе можат да ги извршат во рок од еден работен ден, а кај инстант плаќањата, преносот на парични средства ќе се извршува за најмногу 10 секунди во било кое време од денот, за викенди и за празници.

– За граѓаните и претпријатијата, придружувањето кон СЕПА ќе значи пред сѐ, поевтин, побрз, безбеден, едноставен и ефикасен начин (еднаков на националните плаќања) за безготовински плаќања во евра кон земјите членки на СЕПА. Клучна придобивка е очекуваното значајно намалување на трошоците за прекуграничните трансакции со овие земји, што е особено значајно за дознаките од иселениците и лицата на привремена работа во странство, кои се важни за македонската економија. Стандардизираните регулативи кои се применуваат во СЕПА придонесуваат и за повисоки нивоа на заштита на потрошувачите и транспарентност, обезбедувајќи еднаков приод кон сите даватели на платежни услуги и по конкурентски цени, појаснува гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска во изјава за МИА.

Со пристапувањето кон СЕПА, домашните банки ќе станат директни учесници во платните системи кои функционираат во СЕПА што практично значи дека ќе се избегнат т.н. комплексни коресподетни аранжмани што сега ги имаат банките, што пак ќе услови поевтин и побрз пренос на паричните средства. Поточно, сега банките имаат отворено т.н. коресподентски сметки во странските банки на кои чуваат ликвидни средства и во случај кога клиентот сака да направи трансфер на средства на некој примач во странство, преносот на финансиски средства се врши токму од овие сметки доколку примачот има сметка во таа странска банка. Но, честопати примачите се со сметки во банка различна од коресподентната, поради што таа банка ги користи своите коресподентски односи со други банки за пренос на паричните средства до крајниот примач.

– Ова условува потреба од постојано одржување на високо ликвидни средства од страна на банките, кои што вообичаено не се предмет на некаков надоместок, но исто така и повеќе време и трошоци на банките за реализација на плаќањето, а со сето тоа и повисоки трошоци за граѓаните и компаниите, истакнува Ангеловска- Бежоска.

За компаниите, СЕПА ќе значи зајакнат пристап до пазарот во ЕУ, бидејќи полесно ќе можат да се вклучат во прекуграничната трговија со стоки и услуги во земјите од СЕПА областа. Ефикасноста на плаќањата во СЕПА областа го намалува и користењето на готовина, промовирајќи ја употребата на дигиталните начини на плаќање и поддржувајќи ја транзицијата кон дигитално општество.

– Економските текови на нашата земја се силно поврзани со членките на СЕПА. Над две третини (71 проценти) од вредноста на вкупната надворешна трговија на земјата во 2023 година е реализирана со членките на СЕПА, достигнувајќи 101 проценти од бруто домашниот производ на земјата. Најголем број од плаќањата на нашата држава со другите земји се извршуваат во евра. Во 2023 година преку домашните банки 87 проценти од вкупните одливни плаќања, односно 77 проценти од вкупните приливни плаќања со другите држави, се извршени во евра. Со приклучувањето кон СЕПА процедурата за овие плаќања ќе се поедностави и скрати, а со тоа и ќе се намалат трошоците за граѓаните и фирмите, нагласува Ангеловска-Бежоска.

Поднесувањето на апликацијата за пристапување кон СЕПА, според Народната банка, е историски чекор за земјава, кој ќе обезбеди нови, подобри услови за меѓународна соработка, трговија и инвестиции.

Можете да прочитате

Битиќи: Со ребалансот го добивме еден од најскандалозните буџети во историјата

Државата издаде обврзница од 48 милиони евра, долгот доспева во 2039 година

Лукаревска: Не фали ниту денар во буџетот, ниту пак се трошело душмански, ВМРО-ДПМНЕ манипулира со работниците