Утрински Весник
Економија

Ангеловска-Бежоска: Квалитетните и јавно достапни статистички податоци се предуслов за економски напредок и алатка во битката со дезинформациите

Nacionalna Konvenci A 1 1.jpg

„Народната банка обезбедува квалитетни, детални и навремени податоци коишто веродостојно и објективно ги преставуваат финансиските и макроекономските состојби и трендови во економијата. Добрата статистика е предуслов за донесување одлуки и политики засновани на докази, вклучително и за централната банка во водењето ефективна монетарна и финансиска политика, зголемувањето на транспарентноста и отчетноста, а со тоа и на довербата во Народната банка. Како што еволуираат економиите, мора да еволуираат и статистиките, оттука унапредувањето на статистиките е постојан процес”, истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во обраќањето на Националната конвенција за Европската Унија во нашата земја (НКЕУ-МК), којашто ја одржа четвртата сесија од Работната група 6, за поглавјата 5 − Јавни набавки, 18 − Статистика и 32 − Финансиска контрола.

„Анкетата за корисниците спроведена од Народната банка покажа дека 86% од корисниците на статистичките податоци покажуваат висок степен на задоволство од квалитетот на податоците коишто ги произведува централната банка, додека 78% сметаат дека статистичките соопштенија им се секогаш, односно најчесто корисни и им помагаат во толкувањето на податоците и анализата на позначајните движења во статистиките”, истакна Ангеловска-Бежоска, при што додаде дека основната водилка на Народната банка е примената на најдобрите светски практики во областа на статистиката и високото ниво на усогласеност со најновите меѓународни и европски барања. Во 2019 година, Народната банка, со нашиот статистички систем го исполни највисокиот стандард на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) − СДДС плус, како втора централна банка од земјите во Југоисточна Европа и прва од земјите во регионот на Западен Балкан, што е потврда за почитувањето на најдобрите стандарди за квалитет, интегритет и транспарентност.

„Народната банка успешно го заокружи пристапувањето кон стандардот за дисеминација на податоци на ММФ − СДДС плус, што е едно од најголемите статистички достигнувања, што наметнува обврска за редовно и навремено доставување детални статистички податоци, со квалитет и во обем коишто може да ги следат само земјите со високоразвиени системи на производство на статистички податоци. Ова е особено значајно за согледувањата кај домашните и странските инвеститори, агенциите за кредитен рејтинг (цената на задолжувањата на меѓународните финансиски пазари), меѓународните и европските институции”, порача Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката посочи дека Народната банка веднаш им одговори и на новите меѓународни статистички барања, коишто произлегоа по корона-кризата и последователните шокови, со објавување прегледи за зелените показатели коишто опфаќаат податоци за животната средина и енергијата, климатските ризици и зелените финансии. Веќе две години се објавуваат податоци за плаќањата според родовата и возрасната структура на населението, придонесувајќи кон финансиската вклученост на жените, а постојано работи и на подобрувањето на транспарентноста, со што се зајакна довербата во централната банка и во најтешките кризни моменти.

На сесијата, покрај гувернерката се обратија и националната координаторка на НКЕУ-МК и претседателка на Европското движење, Милева Ѓуровска, понатаму Гонце Јаковлевска од Македонскиот центар за меѓународна соработка, в.д. директорот на Државниот завод за статистика Дејан Станков, како и Емилија Сичикова-Беблава, директорка на Институтот за јавни политики на Факултетот за социјални и економски науки при Универзитетот „Коменски” во Братислава и Мојмир Мрак, професор и раководител на катедрата Жан Моне на Академската единица за пари и финансии при Економскиот факултет на Универзитетот во Љубљана.

Можете да прочитате

Субвенции за струја нема, граѓаните се жалат на повисоки сметки

Нови итроштини на трговците за да ги изиграат ограничените маржи

УЈП  очекува детали од Министерството за финансии за најавеното намалување на даноци