Утрински Весник
Балкан

Андрулакис одново избран за лидер на ПАСОК

20241013230328 Big 730x400 63.webp.webp

Имаме обврска одново да им дадеме надеж и перспектива на Грците, на младите генерации. Тука сме да ги понудиме големите промени што му се потребни на нашето општество, рече доцна синоќа актуелниот претседател на ПАСОК Никос Андрулакис, откако одново беше избран за лидер на грчката опозициска партија со убедлива победа и освоени речиси 60 отсто од гласовите, јави дописничката на МИА од Атина.

Според конечните официјални резултати, во вториот круг од изборите за лидер на Социјалистичката партија, гласаа 213.781 членови, Андрулакис освои 59,9 проценти, додека неговиот противкандидат, градоначалникот на Атина Харис Дукас доби 40,1 отсто од гласовите. 

Андрулакис за победата доби честитки од Дукас, но и од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и од разрешениот лидер на СИРИЗА Стефанос Каселакис со кои имал одвоени телефонски разговори. 

По соопштувањето на резултатите, доцна синоќа, Андрулакис одржа говор пред канцеларијата на ПАСОК каде што беа собрани симпатизери и членови на партијата, им се заблагодари на сите за поддршката и порача дека „не постојат победници и победени, туку победник е ПАСОК“.

-Граѓаните очекуваат од нас за да го надминеме актуелниот политички ќорсокак и ќе направам сè што е во мои раце за да ги исполниме овие очекувања. Ќе направам сè што е во мои раце за што е можно побргу да заврши семоќноста на Нова демократија, рече Андрулакис додека неговите поддржувачи извикуваа „Еве го новиот премиер“.

Додаде дека на земјата ѝ требаат големи и храбри промени и за тие да дојдат, како што итакна „имаме должност пред сè да ја победиме Нова демократија на следните национални избори“.

Во првиот круг од изборите одржан минатата недела Андрулакис освои 29,64 проценти од гласовите, а Дукас 21,41 отсто.

Претходните избори во ПАСОК, која минатиот месец прослави 50 години постоење, се одржаа во декември 2021 година, а откако актуелниот лидер пред евроизборите како цел постави партијата да биде на втората позиција, цел што не беше постигната и остана зад СИРИЗА, Андрулакис се соочи со силни критики од неговите сопартијци, а од состанокот на централниот комитет на крајот на јуни предложи одржување избори за претседател на партијата.

На парламентарните избори во јуни минатата година, ПАСОК освои 11,84 отсто од гласовите, а на евроизборите пред четири месеци, исто така беше на третата позиција зад СИРИЗА со 12,79 отсто од гласовите.

Можете да прочитате

Бојко Борисов: Ја повлекувам кандидатурата за премиер на Бугарија

Во Албанија во полициска акција приведени високи полициски функционери, судии и новинари

Ожалoстени родители се борат да ги направат убиствените патишта во Бугарија побезбедни