Врховниот суд на САД денеска ќе разгледува дали на поранешниот американски претседател Доналд Трамп треба да му се забрани да се кандидира за претседател. Судиите на Врховниот суд треба да одлучат дали Трамп може да биде отстранет од гласачкото ливче на претседателските избори годинава во американската сојузна држава Колорадо, врз основа на одлуката на судот во таа држава, за наводно организирање бунт на неговите поддржувачи на Капитол на 6 јануари 2021 година, објави Би-Би-Си. Девет судии, од кои тројца беа назначени од Трамп, денеска ќе ги слушнат аргументите на неговите адвокати во жалбата со која се бара од Врховниот суд да ја поништи одлуката на судот во Колорадо да му забрани да се кандидира за претседател во таа држава. Постои притисок Врховниот суд да донесе одлука пред 5 март, кога гласачите во 15 сојузни држави, вклучително и Колорадо, треба да гласаат на републиканските прелиминарни избори. Одлуката на Врховниот суд за прашањето за подобноста на Трамп да се кандидира ќе биде обврзувачка за целата земја. Името на Трамп засега останува на гласачкото ливче во Колорадо, во очекување на одлуката на Врховниот суд.