Утрински Весник
Свет

Американскиот Конгрес ја прошири дефиницијата за антисемитизам

Usa Kongres.webp.webp

Претставничкиот дом на САД усвои нацрт-закон со кој се проширува дефиницијата за антисемитизам за да може Министерството за образование да ги спроведува законите за антидискриминација.

Ова доаѓа во време на пропалестински студентски протести на американските универзитетски кампуси.

Предлогот, усвоен со 320 гласови „за“ и 91 „против“, ќе ја кодифицира дефиницијата на Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот за антисемитизам во Дел 6 од Законот за граѓански права од 1964 година – акт кој забранува дискриминација врз основа на потекло, етнички карактеристики или националност. Овој предлог треба да помине и во Сенатот, каде поддршката е неизвесна.

Републиканците во Конгресот претходно ги осудија протестите во колеџските кампуси и повикаа да престанат, додека лидерите на универзитетите ги ставија во центарот на жестоката политичка дебата за акциите на Израел во Газа.

Доколку предлогот помине во Сенатот и стапи во сила, правната дефиниција за антисемитизам ќе биде проширена за да вклучи „таргетирање на државата Израел, основана како еврејски колективитет“.

Критичарите на предлогот велат дека тој ќе има големи последици за слободата на говорот на универзитетските кампуси.

 „Говорот кој го критикува Израел не подразбира незаконска дискриминација“, рече демократот Џери Недлер. „Со вклучување на политичкиот говор за Израел во член 6, овој предлог оди предалеку.

Поддржувачите, сепак, велат дека тоа го обезбедува токму она што е потребно – јасна рамка за секретарот за образование да го истражи растечкиот број случаи на дискриминација и малтретирање на еврејските студенти.

– Крајно време е Конгресот да преземе нешто и да ги заштити Американците со еврејско потекло од антисемитизмот во универзитетските кампуси низ земјата – вели републиканецот Расел Фрај.

Проширената дефиниција за антисемитизам првпат беше усвоена во 2016 година од Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот, меѓународна организација која ги вклучува САД и земјите од ЕУ. Потоа беше усвоен од Стејт департментот и важеше во неколку претседателски администрации, вклучувајќи ја и онаа на Бајден.

Претходните обиди да се кодифицира во закон беа неуспешни. Но, по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, поради антисемитски инциденти во кампусите, обидите беа обновени.

Во писмото до членовите на Конгресот, Американската унија за граѓански слободи (ACLU) повика да се гласа против предлогот, тврдејќи дека законот веќе забранува антисемитска дискриминација и вознемирување.

Можете да прочитате

Макрон им посака добредојде на светските лидери кои присуствуваат на отворањето на ОИ

Канада, Австралија и Нов Зеланд бараат од Израел веднаш да ги прекине операциите во Газа

Meta затвори 63.000 профили на Instagram поврзани со измама и уцена