Утрински Весник
Свет

Американска сенаторка предложи нов закон за Западен Балкан

Американска сенаторка предложи нов закон за Западен Балкан

Претседателката на Поткомитетот за Европа во Комисијата за надворешни односи на Сенатот на САД, сенаторката Џин Шахин, со поддршка од колегите од двете политички партии, уште еднаш го предложи Законот за демократија и просперитет на Западен Балкан пред новиот составо на Сенатот, пренесува „Гласот на Америка“.

dobivaj vesti na viber

Со поддршка на сенаторите Роџер Викер, Бен Кардин, Дик Дурбин и Крис ван Холен, целта на предлогот на сенаторката од Њу Хемпшир е да се унапреди соработката меѓу земјите од Западен Балкан, но и соработката на тие земји со САД во областа на сајбер безбедноста и сајбер отпорноста, имајќи ги предвид, како што посочи таа, штетните напори на Иран и Русија да ги таргетираат земјите од регионот.

„Одржувањето на мирот и зајакнувањето на демократијата на Балканот е од клучно значење за европската безбедност и стабилност, особено додека продолжува неиспровоцираната војна на Путин во Украина“, рече Шахин.

Според соопштението од веб-страницата на Шахин, законот ја поддржува „демократската стабилност и економскиот развој на регионот преку иницијативи во инфраструктурата, трговијата и антикорупцијата, вклучително и правна формализирање на санкциите, со цел да се одвратат актерите кои изведуваат дестабилизирачки активности“.

Законот повторно влезе во процедура на Сенатот во четвртокот, непосредно пред расправата на Комисијата за надворешни политички односи за Западен Балкан. Речиси истата група сенатори го предложи истиот закон пред претходниот состан на Сенатот, но тогаш не беше усвоен.

„Мојот двопартиски закон ќе ја зајакне трговијата и инвестициите меѓу САД и Западен Балкан, ќе ја искорени корупцијата, ќе ги утврди санкциите против дестабилизирачките актери и ќе испрати силен двопартиски сигнал дека САД се посветени на нашите партнери во регионот“, додаде сенаторката од редовите на Демократската партија.

Според еден од поддржувашите на законот, републиканскиот сенатор Роџер Викер, Балканот е дом на разновидно и колоритно културно наследство, а неговата геополитичка важност продолжува да расте.

„Бруталната руска инвазија на Украина ја нагласува важноста на нашите балкански партнерства. Усвојувањето на овој нацрт-закон ќе послужи како јасна, двопартиска изјава за посветеноста на САД на зајакнување на нашите дипломатски партнерства во регионот“, рече Викер.

Законот предвидува воспоставување регионална иницијатива за трговска и економска конкурентност и кодификација на две постоечки извршни уредби за воведување санкции за корупција и за закани за мирот и стабилноста на Западен Балкан.

Исто така, целта на законското решение е да се покрене иницијатива за борба против корупцијата, која би го насочила американскиот државен секретар кон обезбедување техничка помош за сите земји во развојот на националните стратегии за борба против корупцијата.

 

Можете да прочитате

Русија и Јордан предупредуваат на опасност од регионална ескалација

Директните напади меѓу Иран и Израел завршија

Гутереш: Крајно време е да се запре опасниот циклус на одмазда на Блискиот Исток