
Новите измени во законодавството во Германија воведуваат дополнителни обврски за мажите на возраст од 17 до 45 години, кои од 1 јануари 2026 година ќе мора да побараат дозвола доколку планираат да престојуваат во странство подолго од три месеци.
Според новите правила, дозволата се добива од Кариерниот центар на Бундесвер, а обврската важи без разлика дали станува збор за студии, работа или подолг престој надвор од земјата. Оваа мерка повеќе не е поврзана со вонредни состојби или конкретна воена закана, туку станува траен дел од Законот за модернизација на воената служба.
Од германското Министерство за одбрана објаснуваат дека целта е создавање сигурен и ажуриран воен регистар, со кој во случај на криза ќе се знае кои граѓани се наоѓаат во странство подолг временски период.
Иако законот предвидува дека дозволите во принцип ќе се одобруваат, поднесувањето на барање останува задолжително. Сè уште не е прецизирано какви последици би имало доколку некој ја напушти земјата без ваква дозвола.
Паралелно со оваа мерка, германската влада планира значително зголемување на бројот на војници – од сегашните околу 184.000 на меѓу 255.000 и 270.000 до 2035 година. Како дел од реформите, сите млади родени во 2008 година или подоцна ќе добијат прашалник за нивната подготвеност за воена служба, кој ќе биде задолжителен за мажите, а доброволен за жените.
И покрај новите мерки, принципот на доброволно служење останува непроменет и никој нема да биде принуден да се приклучи на вооружените сили. Сепак, за милиони граѓани засега останува нејасно како новото правило за дозволи ќе се применува во пракса и како ќе се контролира неговото спроведување.

