Ако министер се најде на црната листа на САД, ќе треба да ги си спакува куферите бидејќи ќе биде побарано негово разрешување. Ова е пораката која ја испрати премиерот Димитар Ковачевски, а откако, американската амбасадорка Анџела П. Агелер, најави дека листата ќе се проширува. Ковачевски ја искоментира и коалиционата соработка со Мендух Тачи, кој исто така, е на црната листа на САД.
„Ако институциите кои не се надлежност на Владата се позанимаваат со тоа, ќе може да лоцираат индивидуална одговорност и на други места каде требало нешто претходно да биде санкционирано. Ако министер во Влада се најде на црна листа на САД, држава која е наш најголем стратешки партнер, во истиот момент на тој министер ќе му биде поднесено разрешување од моја страна“, рече Ковачевски.
На црната листа на САД е и претседателот на ДПА, Мендух Тачи. Тој истовремено е и коалиционен партнер на СДСМ во Владата. Ковачевски посочи дека Тачи е избран од граѓаните, што е различно од тоа да биде именуван за министер од негова страна.
„Сите индивидуални лица кои се избрани од граѓаните, ќе мора да ги прашате нив. Бидејќи го споменавте Мендух Тачи, тој оди на избори и станал пратеник преку гласање во шестата изборна единица. За неговите лични аспекти, каков е неговиот пристап што се наоѓа на црната листа, ќе мора да го прашате него“, додаде Ковачевски.