Утрински Весник
Македонија

Јакимовски предупредува: По Кочани не смееме да си дозволиме нов ризик по безбедноста на граѓаните

Screenshot 2026 06 05 160106.jpg

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, денеска предупреди дека повторно се создаваат услови за сериозен безбедносен ризик, посочувајќи дека на објект во Карпош повторно се организира настан на кровен простор чија употреба претходно била забранета од страна на Општината.

Според Јакимовски, минатата година Општина Карпош донела решение со кое се забранува користење на кровот за организирање забави и настани, а на сопствениците им било наложено и отстранување на скалите поради безбедносни причини.


„Вечерва во објектот треба да настапи светски познатиот диџеј Роџер Санчез, а според јавните објави на организаторите, руфтоп просторот е целосно распродаден. Прашањето е кој дозволил повторно да се користи просторот и кој ќе ја сноси одговорноста доколку се случи несреќа“, изјави Јакимовски.

Тој направи директна паралела со трагедијата во Кочани, нагласувајќи дека институциите мора да реагираат навреме, а не по евентуална несреќа.

„По трагедијата во Кочани сите зборуваа за одговорност и за потребата да се почитуваат прописите. Денес гледаме дека некои повторно ги игнорираат безбедносните предупредувања. Не смееме да дозволиме профитот да биде поважен од човечкиот живот“, рече Јакимовски.

Градоначалникот истакна дека одговорноста за контролата и постапувањето повеќе не е кај Општина Карпош, туку кај институциите кои во моментов имаат надлежност и обврска да постапуваат.

„Ако нешто се случи, после ќе биде доцна да бараме виновници. Одговорноста се покажува пред трагедијата, а не после неа“, порача Јакимовски.

Тој ги повика сите надлежни институции веднаш да извршат контрола и да утврдат дали се исполнети сите услови за безбедно организирање на настанот.

Можете да прочитате

Лекарската комора одбележува 34 години од основањето, и отворено историското катче на медицината

Мицкоски  задоволен од средбите со Макрон и Мерц во Тиват:  Процесот на проширување е жив, членките на ЕУ ја разбираат нашата позиција

СДСМ: Сите лаги на Мицкоски паднаа во вода- без разлика на предлозите за нова динамика, мора да се почитуваат европските правила