Утрински Весник
Скопје

Јакимовски: Општината е жртва на внатрепартиски проблеми на ВМРО-ДПМНЕ

Img 4036.jpeg

Поранешниот градоначалник на Општина Карпош Стевче Јакимовски во гостувањето на 4ТВ упати серија остри критики кон актуелната локална и централна власт, оценувајќи дека Карпош се наоѓа во „лимбо ситуација“ поради, како што тврди, политичко тактизирање околу оставката на актуелниот градоначалник Сотир Лукровски.

Според Јакимовски, во политичките кругови веќе било познато дека Лукровски поднел и втора, конечна оставка, но дека целата ситуација се обидува да се амортизира преку неговото боледување.

„ВМРО практично го стави својот градоначалник во куќен притвор. Му наложија да земе боледување само за да ја амортизираат ситуацијата. Парадоксално е што премиерот посредно кумува на ова боледување, во исто време кога директорот на Фондот за здравство јавно ги гони манипулативните боледувања. Ова е класично замајување на јавноста“, изјави Јакимовски.

Тој оцени дека поради ваквата состојба, Карпош стагнира и губи драгоцено време, додека градовите во регионот бележат забрзан развој.

„Додека Белград, Приштина и Тирана се развиваат со светлосна брзина, Карпош е заглавен во политички блокади и неспособно менаџирање“, рече поранешниот градоначалник.

Јакимовски потсети и на, како што рече, периодите на застој во изминатите години, споменувајќи ја состојбата што ја наследил по мандатот на Стефан Богоев, кога општината се соочувала со блокирана сметка и финансиски проблеми.

„Да одземете пет години од развојот на една општина е недозволиво. Тоа се пет години од животот на секој граѓанин во кои Карпош можеше да биде лидер, а не жртва на тактизирања“, изјави тој.

Во разговорот беше отворено и прашањето дали Јакимовски повторно би се кандидирал за градоначалник на Карпош. Тој не ја исклучи таа можност, нагласувајќи дека конечната одлука ќе ја донесе врз основа на интересите на општината.

„Јас во Карпош оставив 16 години од мојот живот. Таму се афирмирав и како човек и како политичар. Мојата одлука ќе зависи од тоа што е најдобро за општината. Ако е најдобро јас да се кандидирам, повторно ќе го направам тоа. Карпош заслужува да излезе од овој застој“, порача Јакимовски.

Тој предупреди дека секој дополнителен ден во кој, според него, општината се држи во „лимбо“ поради внатрепартиски проблеми на ВМРО-ДПМНЕ, претставува директна штета за жителите на Карпош.

Можете да прочитате

Дали Јакимовски повторно ќе се кандидира?

Бугарски возови и семејни избирачки одбори – Јакимовски тврди дека изборите биле украдени во Карпош

Јакимовски бара нови избори: Да се прекине оваа агонија – Карпош не заслужува темни улици и преполни контејнери