Агенцијата за филм напиша писмо во кое реагира за објавата на Венецискиот филмски фестивал поради јавната поддршка за режисерот Милчо Манчевски.
„Почитуван господине Алберто Барбера, директор на Венецискиот филмски фестивал, почитувани Франческо Раниери Мартиноти претседател на „АНАК-Аутори“ (ANAC-Autori) и Франческа Коменини претседателка на на „Ченто Аутори“ (Cento Autori),
Изразуваме огромно жалење што вие како први луѓе на филмскиот фестивал во Венеција и филмските професионалци во Италија сте доведени во заблуда, без да ги знаете фактите и вистината и што на овој начин дополнително правите притисок на јавноста и институциите во нашата држава.
Во конкретниот случај за кој реагирате, не станува збор за никаков прогон на автор (режисер и сценарист), туку станува збор за истраги и постапки за правен субјект во сопственост на господинот Милчо Манчевски, односно правни постапки за расчистување на финансиски злоупотреби, недоставување на финансиски извештаи за потрошени 900.000 евра, како и низа други индиции.
Институцијата која ја споменувате, Агенцијата за филм на РСМ веќе 14 години нема одбиено ниту едно барање за финансиска поддршка на режисерот Манчевски. Актуелното раководство во последниве 5 години на истоимениот режисер му има одобрено средства во висина од 2,3 милиони евра.
Искрено се надеваме дека ќе го увидите овој пропуст, ќе ја разберете нашата реакција и во интерес на правдата и Законот ќе го повлечете писмото со што без дополнителен надворешен притисок ќе се даде простор на независните институции на нашата држава, која е аспирант за членство во Европска унија, да ги утврдат спорните факти и да донесат соодветни правни одлуки.
Како прв човек на Агенцијата за филм на РСМ, уште еднаш сакам да повторам дека РСМ не врши никаков политички или каков било друг притисок врз Манчевски, ниту пак има вакви постапки за било кој друг автор.
Убеден сум дека и вие сте на страната на правдата и законот, кога станува збор за финансирање и трошење на средствата од јавните фондови за поддршка на филмската уметност.
Со почит
Бојан Лазаревски, директор на АФРСМ“, се вели во писмото.